Вести
Конгресменот Рајан Мекензи му се приклучи на Конгресниот македонски кокус
Американскиот конгресмен Рајан Мекензи (PA-7) му се приклучи на бипартискиот и бикамералниот Конгресен македонски кокус (група членови на Конгресот на САД, кои се ангажираат за прашања поврзани со Македонија и македонско-американските односи) – соопшти Обединета македонска дијаспора (ОМД).
Мекензи, кој ја почна својата работа во Конгресот во јануари 2025 година, моментно е член на комитетите на Претставничкиот дом за образование и работна сила, надворешни работи и домашна безбедност.
Пред неговиот избор во Конгресот, Мекензи повеќе од една деценија служеше во Претставничкиот дом на Пенсилванија. За време на неговиот мандат во државното законодавно тело тој беше републикански претседател на Комитетот за труд и индустрија и копретседавач на Кокусот за меѓународни односи. Неговото искуство во меѓународните односи и јавната политика носи значајна перспектива во Конгресниот македонски кокус, кој продолжува да претставува форум за членовите на Конгресот да се ангажираат за прашања од значење за Македонија и Македонците во САД.
– Го поздравуваме пратеникот Мекензи во Кокусот. Неговата одлука да се приклучи ја одразува важноста од континуиран ангажман на Конгресот со македонско-американската заедница, како и потребата да се одржи силно присуство и глас во Вашингтон – изјави Арџи Н. Белио, претседател на Обединета македонска дијаспора.
Конгресниот македонски кокус останува важен механизам за зајакнување на односите меѓу Соединетите Американски Држави и Македонија, како и за признавање на придонесот на Македонците во САД во целата земја.
Приклучувањето на пратеникот Мекензи дополнително го проширува бипартискиот ангажман на Конгресот со македонско-американската заедница и го зајакнува Кокусот како платформа за градење односи меѓу Македонците во САД и носителите на одлуки во Вашингтон.
ОМД најавува дека ќе продолжи да соработува со членови на Конгресот од двете политички партии (републиканци и демократи) со цел да се промовира поголема информираност за Македонија и да се поттикне значаен ангажман со македонско-американската заедница.
август 27, 2026
