Скопје
Во Скопје почнуваат Деновите на света Мајка Тереза по повод 10 години од канонизацијата
По повод 10 години од канонизацијата на света Мајка Тереза, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов и Заедницата на Хрватите во Република Македонија, Огранок Скопје, ја организираат манифестацијата „Денови на Света Мајка Тереза“, која ќе се одржи од 26 август до 5 септември 2026 година во Скопје.
Манифестацијата свечено ќе биде отворена во среда, 26 август, во 19:30 часот, кај Порта Македонија во Скопје. На отворањето ќе се обрати монсињор д-р Киро Стојанов на тема „Скопјанката од Калкута која го промени светот“, а м-р Љерка Тот Наумова ќе ги претстави најважните моменти од животот на светицата преку излагање насловено „Мајка Тереза, рожба на Скопје, Мајка на светот, великодушна делителка на Божјото милосрдие“. Модератор на настанот ќе биде Јадранка Чадиновска.
Програмата ќе продолжи на 31 август во капелата на Спомен-куќата на Мајка Тереза, со почеток во 19:30 часот. Предвиден е настап на Серафина Фантауза со „Ave Maria“ од Шуберт, читање избрани цитати од Мајка Тереза на македонски и англиски јазик од м-р Еленора Николовска, како и молитвен дел со Мисионерките на Љубовта од Скопје. На крајот епископот Стојанов ќе го подели својот благослов.
На 1 септември, во Домот на култура „Кочо Рацин“, со почеток во 19:30 часот, ќе се одржи поетска вечер со песни посветени на Мајка Тереза. На настанот ќе настапат Еленора Николовска, Оливера Јовановска, Делвина Крлуку, Виолета Ачкоска, Благојка Филипчева и Љерка Тот Наумова. Во музичкиот дел ќе настапат м-р Јулија Нелковска на виолина и Филип Костов на гитара. Во рамките на вечерта ќе биде поставена и продажна изложба на уметнички дела од македонски академски сликари, подарени на Католичката црква, а приходот е наменет за сиромашните лица, штитеници на Македонски Каритас.
На 3 септември, во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, во 19:30 часот, ќе се одржи концерт на Мандолинскиот оркестар „Скопје“ во чест на Мајка Тереза, под диригентство на Ерхан Шукри.
Во петок, 4 септември, во претпладневните часови монсињор д-р Киро Стојанов и избрана делегација ќе посетат ранливи семејства и ќе им подарат пакети со храна и хигиенски производи. Истиот ден во 18:00 часот, во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, монсињор Стојанов ќе ја предводи светата Литургиа, а веднаш потоа дон Давор Топиќ ќе ги сподели своите впечатоци од канонизацијата на Мајка Тереза во 2016 година.
Манифестацијата ќе заврши во сабота, 5 септември, со понтификална света Литургија во 18:00 часот во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје. Светата Литургија ќе ја предводи монсињор д-р Петар Палиќ, Мостарско-дувањски бискуп и Требињско-мркански апостолски администратор, во заедништво со домашниот бискуп монсињор Киро Стојанов, како и други бискупи гости, поканети за оваа прилика.
Со оваа манифестација Скопје, родниот град на света Мајка Тереза, ќе оддаде почит на нејзиниот живот, кој беше исполнет со милосрдие и љубов кон сиромашните.
август 26, 2026
