Connect with us

Свет

Полска ги стави во повисока готовност воздушната одбрана и радарите по руските напади врз Украина

Полска во раните утрински часови активираше воени авиони и ги стави копнените системи за противвоздушна одбрана и радарските системи во состојба на зголемена готовност, како одговор на активностите на руската авијација со долг дострел насочени кон Украина – соопшти полската армија.

Во согласност со важечките процедури, Оперативната команда на вооружените сили, преку Центарот за воздушни операции – Командата на воздухопловната компонента, ги активираше сите потребни сили и средства со кои располага. Полска дополнително ги стави во состојба на зголемена готовност и средствата за радарско извидување.

„Овие активности се од превентивен карактер и имаат цел да го обезбедат воздушниот простор и неговата заштита, особено во областите во близина на загрозените региони“, се наведува во соопштението објавено на социјалната мрежа Икс.

Од полската армија истакнуваат дека внимателно ја следат ситуацијата и дека потчинетите сили и средства остануваат во целосна подготвеност веднаш да реагираат доколку се јави потреба.