Вести
Сиљановска-Давкова: Aрмијата е фактор на стабилност, безбедност и доверба
Македонската армија денес претставува високо организирана воена формација со професионален интегритет, оперативна кредибилност и висок степен на интероперабилност со сојузничките сили, порача претседателката и врховна командантка Гордана Силјановска-Давкова на свеченоста по повод Денот на Армијата, што се одржа во Охрид.
Во своето обраќање, таа се осврна на развојот на Армијата, од формирањето на баталјонот „Мирче Ацев“ во 1943 година до членството на државата во НАТО, оценувајќи дека Армијата е еден од клучните фактори за стабилноста, безбедноста и довербата во земјата.
Претседателката истакна дека современите безбедносни предизвици бараат нов пристап кон одбраната, особено во услови на сè поголемо влијание на сајбер-заканите и вештачката интелигенција.
– Колку е посилна нашата одбранбена поставеност, толку е позначаен и нашиот придонес кон колективната безбедност. Јакнењето на сопствените капацитети е најдобриот начин за зацврстување на нашата позиција во Алијансата како сериозен и кредибилен партнер – порача Силјановска-Давкова.
Таа нагласи дека Армијата успешно ги применува НАТО-стандардите, што, според неа, го потврдуваат високите оценки на Лесната пешадиска баталјонска група, како и учеството на 183 армиски припадници во меѓународни мировни мисии.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски истакна дека модернизацијата на Армијата се одвива според предвидената динамика. Тој потсети дека веќе се испорачани оклопните возила JLTV и Stryker, артилериските системи „Боран“ и најголемиот дел од системите за противвоздушна одбрана „Мистрал 3“.
Според него, до крајот на годината се очекува испораката и на првите два нови хеликоптери.
Мисајловски најави и законски измени што ќе се однесуваат на професионалните војници кои наполниле 45 години, како и зголемување на платите од следната година.
Паралелно со процесот на модернизација, ќе продолжат и инвестициите во армиската инфраструктура, за што се предвидени повеќе од 12 милиони евра.
Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, оцени дека изминатата година била исклучително успешна и дека Армијата уште еднаш ја потврдила својата оперативна подготвеност.
Како едно од најзначајните достигнувања, тој ја посочи успешната реализација на вежбата „Блесок 26“ и оценувањето на Лесната пешадиска баталјонска група.
– Стекнувањето на статусот ‘борбено подготвен’ претставува резултат на илјадници часови обука, подготовка, планирање и професионална посветеност – нагласи Лафчиски.
На свеченоста по повод Денот на Армијата беа доделени и признанија на армиски единици, институции и поединци за нивниот придонес во развојот на одбранбените капацитети и извршувањето на армиските задачи.
август 18, 2026
