Connect with us

Вести

Мисајловски на свечен собир по повод Денот на Армијата: Работиме на повисоки плати и подобри услови за вработените во одбраната

Во пресрет на 18 Август – Денот на Армијата, денеска пред платото на Министерството за одбрана и Генералштабот се одржа свечен собир на припадниците на Армијата и вработените во одбраната. На настанот пригодни обраќања имаа министерот за одбрана, Владо Мисајловски, како и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, соопштуваат од Министерството за одбрана.

Министерот Мисајловски упати благодарност до сите вработени, нагласувајќи дека нивниот труд и професионалност ја прават Армијата една од најорганизираните институции во државата. Тој порача дека успехот е загарантиран само доколку сите продолжат да функционираат како едно големо семејство обединето околу целта за градење подобра држава за следните поколенија. Во своето обраќање, Мисајловски најави и конкретни чекори за подобрување на стандардот на вработените во одбраната. Тој истакна дека се носат одлуки кои ќе го направат системот посилен и дека интензивно се работи на обезбедување повисоки плати и подобри услови за работа за секој војник, подофицер, офицер и вработен во министерството.

Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Лафчиски, потенцираше дека Денот на Армијата е празник на воената професија која се темели на чест, дисциплина, одговорност, лојалност и патриотизам. Според него, изминатата година донела значајни резултати кои потврдуваат дека Армијата континуирано ги развива своите способности и доследно ги исполнува највисоките национални и НАТО стандарди.

Во рамки на свеченоста, делегација предводена од министерот Мисајловски, заедно со семејствата на загинатите бранители, положи свежо цвеќе пред спомен-обележјето пред зградата на Министерството, оддавајќи почит за нивната храброст и пожртвуваност. Претходно, владина делегација положи венци и на градските гробишта во Бутел, пред партизанските гробишта и вечните почивалишта на претседателите Борис Трајковски и Киро Глигоров, како и на генералот Михаило Апостолски.

На настанот присуствуваа високи претставници од одбраната, а централната свеченост по повод Денот на Армијата ќе се одржи утре, 18 август, во Центарот за обука на вода кај Биљанини Извори во Охрид.