Connect with us

Свет

Индонезија објави дека ќе затвори над 750 јавни претпријатија

Индонезиската влада ќе затвори повеќе од 750 државни претпријатија до крајот на оваа година, изјави денеска индонезискиот претседател Прабово Субианто.

Шефот на државата, исто така, рече дека размислува за формирање специјализиран суд за истражување на активностите на претпријатијата што бележат загуби.

„Има премногу државни претпријатија што се непродуктивни, што секогаш пријавуваат загуби, а се преправаат дека пријавуваат профит. Овие профити се едноставно измислени“, изјави Прабово Субианто пред парламентот.

Со формирањето на индонезискиот суверен фонд за богатство минатата година за управување со државниот имот, откривме дека има 1.074 државни претпријатија, рече претседателот.

„Мислев дека има 300 или 400, но се покажа дека има 1.074. И овие државни претпријатија понекогаш дејствуваат како што сакаат, без никаква одговорност кон земјата и државата“, истакна индонезискиот лидер.

Претседателот рече дека досега се затворени 290 вакви бизниси и дека до крајот на годината нема да останат повеќе од 300.