Регион
За 30 отсто зголемени активностите против комарци во периферијата Атика, поширокиот регион на Атина поради вирусот на Западен Нил
Појавата на случаи на вирусот Западен Нил, во комбинација со ризиците што ги носат климатските промени, нè доведоа до одлуката за 30 отсто да ги зголемиме насочените активности против комарците, додавајќи нови прскања од копно и воздух, посочи префектот на грчката област Атика Никос Хардаљас, јави дописничката на МИА од Атина.
Според последните официјални податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција (ЕОДИ), заклучно со минатата среда, од вкупно 65 случаи на Западен Нил, 48 се регистрирани во периферијата Атика, поширокиот регион на Атина.
Од периферијата информираа дека се „во зголемена оперативна готовност, активирајќи дополнителни мерки за справување со комарците и заштита на јавното здравје“, а во тие рамки се и зголемените прскања, што освен за оваа година, вклучено е и во новата програма за периодот 2027-2029 година и ќе важи и за следните три години.
За систематско следење и истражување на комарците на целото подрачје на периферијата надлежен е Институтот за фитопатологија, а резултатите од земањето примероци покажуваат каде и кога се потребни интервенции.
Хардаљас објасни дека научното следење од Институтот и соработката со ЕОДИ и општините „создаваат гаранции за подобро справување со проблемот“ и нагласи дека условите се менуваат и нивниот план мора да се приспособува на новите околности.
Претседателот на Техничкиот комитет за следење на програмата за справување со комарците во регионалната единица источна Атика, Јоргос Константос посочи дека поради случаите на вирусот Западен Нил вонредните прскања ги зголемиле за 20, односно во програмата за прскање на копно за 2026 година, од 58 , бројот го зголемиле на 78 интервенции.
август 13, 2026
