Connect with us

Свет

Германските тајни служби добиваат поголеми овластувања

Германската влада денеска донесе одлука за значително проширување на овластувањата на тајните служби поради влошената безбедносна ситуација, што ќе им овозможи собирање податоци во поголем обем и активно дејствување против саботажи и сајбернапади.

  • Новиот закон ги прави разузнавачките служби вистински тајни служби. За да можат рамноправно да дејствуваат со партнерските служби ширум светот, на германските разузнавачи им се потребни поголеми овластувања – изјави министерот за внатрешни работи Александер Добринт.

Шефицата на Канцеларијата на канцеларот и координаторка на работата на разузнавачките служби, Нина Варкен, при претставувањето на реформскиот пакет истакна дека германските тајни служби мора да можат да дејствуваат самостојно, бидејќи Германија не може трајно да се потпира единствено на поддршката од партнерските разузнавачки мрежи. Таа оцени дека земјата моментално е прекумерно зависна од информации од странство и дека германските служби заостануваат зад своите европски партнери.

Предлог-законот предвидува двете клучни германски тајни служби – Сојузната разузнавачка служба (БНД), која е задолжена за странство, и Сојузната служба за заштита на Уставот, задолжена за внатрешната безбедност – во иднина да добијат значително поголеми овластувања за складирање и за собирање податоци.

Двете служби досега беа фокусирани исклучиво на собирање информации без овластување за активно оперативно дејствување, што беше во исклучива надлежност на полицијата. Во иднина, тајните служби ќе можат активно да преземаат мерки за време на непријателски операции, што ги опфаќа и сајбернападите. Ова ќе вклучува овластувања за уништување ИТ-системи, бришење податоци и преземање контрасаботажни активности, и тоа не само на територијата на Германија.

Сепак, на германските тајни служби и натаму ќе им биде строго забрането да изведуваат целни напади врз конкретни лица во странство, со што и понатаму ќе се разликуваат од странските разузнавачки служби како американската ЦИА, израелскиот Мосад или француската ДГСЕ.

Опозициските партии упатија критики за најавената реформа, пред сè поради нејасното разграничување меѓу досегашните надлежности на тајните служби и полицијата. Претседателот на Слободната демократска партија (ФДП), Волфганг Кубицки, предупреди дека строгото одвојување на надлежностите има свои длабоки историски причини. Спротивно на тоа, претседателот на Парламентарниот контролен одбор, Марк Хајнрихман, оцени дека новиот реформски пакет е во целосна согласност со германскиот Устав.

Германија во изминатиот период, а особено по почетокот на руската агресија врз Украина, е изложена на драматично зголемен број кибернапади и саботажни активности.