Регион
Турнас: Активни 11 пожари во Грција – државниот механизам е на границата на своите можности
Денешниот ден започна со 11 активни пожари, со кои од вчера се борат силите на противпожарната служба, рече министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција Евангелос Турнас, посочувајќи дека „големиот број пожари, во комбинација со екстремните временски услови, го доведоа механизмот на границата на своите можности“, јави дописничката на МИА од Атина.
-Многу силните, дури и бурни ветрови и понатаму создаваат исклучително тешки услови со резултат во многу случаи воздушните средства или да не можат да полнат вода, или да не можат да исфрлаат вода поради екстремните турбуленции, и покрај континуираните напори на екипажите, посочи Турнас.
Паралелно упати апел до сите граѓани да избегнуваат какви било дејствија што можат да предизвикаат пожар, но и да ги следат упатствата и на надлежните и во пораките што се испраќаат преку системот 112.
Најголемиот пожар, што сè уште е вон контрола е во централна Грција е во областа Виотија во близина на приморското место Порто Гермено, избувна вчера наутро, а поради силниот ветер брзо се прошири и продолжува да се шири.
Во конкретната област активни се неколку жаришта, гори шума во близина на населени места, а веќе се регистрирани штети и целосно изгорени куќи.
Пораки од бројот 112 за евакуација беа испратени до жителите и оние кои се наоѓаат во низа населени места во близина на пожарот, како во текот на ноќта, така и во текот на денешниот ден.
Од грчката полиција информираа дека поради пожарот во Порто Гермено, досега превентивно биле евакуирани над 1.150 граѓани од пет населени места, како и 150 возила со 500 патници, но и биле спасени осум лица кои биле заглавени, а итна помош им била укажана на 17 лица.
Во текот на вчерашниот ден по морски пат беа евакуирани 254 лица.
Противпожарните сили дополнително беа зајакнати и интервенираат 420 пожарникари (утрово беа 325), со 20 пешадиски тима и 120 возила, волонтери и цистерни од општината.
За гаснење од воздух на располагање се 18 авиони и 11 хеликоптери, но нивната интервенција зависи временските услови, односно од јачината на ветрот, а пилотите вложуваат напори за полнење вода од морето за да помогнат во гаснењето.
август 2, 2026
