Connect with us

Регион

Во Грција активни 73 пожари – по морски пат евакуирани 254 лица поради пожарот во централниот дел на земјата

Во изминатите 24 часа избувна 51 шумски пожар, а во овој момент противпожарните сили водат битка за справување со 73 пожари на целата територија, информираше попладнево директорот за стратешко планирање и комуникации во Противпожарната служба на Грција Василис Ватракојанис, додека пак меѓу најсериозните се оние во централниот дел на земјата, каде што по морски пат беа евакуирани 254 лица и во близина на Атина, каде што се евакуираат дел од пациентите во психијатриска болница, јави дописничката на МИА од Атина.

Попладнево, шумски пожар избувна во Аспропиргос и Хајдари во западниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, а интервенираат 95 пожарникари со шест пешадиски тима, 22 возила, волонтери и цистерни од периферија, а од воздух се ангажирани седум авиони и седум хеликоптери, од кои еден се користи за координација на воздушните операции.

Ватракојанис посочи дека во близина на пожарот има станбени објекти, поради што превентивно беа испратени пораки од бројот 112 за итни случаи и за да бидат информирани граѓаните и за евакуација на лицата што се наоѓаат во пошироката област.

Во непосредна близина е и психијатриската болница и во тек е евакуација на дел од пациентите, само на оние кои се во потешка состојба, а доколку се влоши ситуацијата, сите ќе бидат евакуирани.

Евакуирани беа и жители и туристи во непосредна близина на приморското место Агиос Василиос во областа Виотија во централна Грција поради пожарот што избувна утрово.

Во спасувачка акција на крајбрежната служба со помош на патролни бродови, чамец од противпожарната служба и приватни чамци, од приморското место Агиос Василиос во Коринтскиот залив беа евакуирани 254 лица, а поради брзината со која се прошири пожарот, евакуацијата по морски пат беше единствената опција.

Ватракојанис посочи дека моментов, овој е еден од најтешките пожари, поради релјефот и силниот ветер, а со огнената стихија се борат 215 пожарникари, десет пешадиски тима, 57 противпожарни возила и волонтери.

– Сите воздушни средства со кои располага Противпожарната служба беа мобилизирани за справување со пожарите, но во повеќето случаи не можат да полнат вода и да интервенираат поради силните ветрови, кои создаваат силни воздушни турбуленции и сериозно ја загрозуваат безбедноста на летовите, објасни Ватракојанис.

Дополнително, меѓу поголемите пожари се и еден во близина на градот Арта во западна Грција, како и во областа Арголида на Пелопонез.

-Опасноста од пожари за утре, сабота, се очекува да биде екстремна во Атика и Евија, а многу висока во остатокот од земјата. Сите сили на Цивилната заштита се ставени во состојба на највисока готовност, а сите служби на Противпожарната служба остануваат во целосна готовност, нагласи директорот за стратешко планирање и комуникации во Противпожарната служба на Грција.