Свет
Жестока расправија меѓу сенаторите и Хегсет за војната во Иран
Американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет, влезе во жестока расправија со сенаторите за време на сослушувањето во Конгресот посветено на американската воена операција против Иран.
Хегсет пред сенаторите побара дополнителни средства за одбраната, а за време на сослушувањето дојде до остри полемики, особено со сенаторката Кирстен Џилибранд.
„Едноставно не знам на која верзија од војната да и верувам, бидејќи или е завршена или не е. Ќе биде завршена за две недели или нема да биде завршена за две недели. Или немаме ракети или имаме. Токму таа загриженост е причината што толку многу жители на Њујорк се збунети, под стрес и сметаат дека оваа војна е крајно непопуларна, бидејќи не ги разбираат одлуките што ги носи претседателот“, изјави Џилибранд.
Хегсет остро реагираше на критиките.
„Мислам дека вашата карактеризација на овој неверојатен напор како неуспех е непромислена и неодговорна. Мислам дека тоа ги омаловажува жртвите што ги поднесуваат војниците во име на американскиот народ, за да се осигураме дека Иран никогаш нема да добие нуклеарно оружје. Срамота за вас и за сите други кои ова го нарекуваат неуспех. А потоа сакате да се свртите и да кажете дека ги поддржувате војниците. Или ги поддржувате или не“, изјави Хегсет.
Во расправата се вклучи и сенаторот, Гери Питерс, кој порача дека критиките не се упатени кон војниците, туку кон политичкото раководство.
„Ќе ви кажам точно како го користам зборот неуспех. Го користам за нивните лидери. Вие, господине, сте неуспех, а не мажите и жените кои се на првата линија, не оние кои ја чуваат својата чест и добиваат одликувања. Но, ако нема победничка стратегија, тие се во опасност. Нивните лидери ги изневериле“, изјави Питерс.
Тој го обвини Хегсет дека нема јасна стратегија за завршување на војната.
„Вие немате стратегија. Немате долгорочен план навистина да ја добиете оваа војна. Добијте ја војната. Мажите и жените тоа можат да го направат, но им треба раководство. Кога ќе покажете лидерство?“, праша сенаторот.
Питерс исто така оцени дека проблемот не е во недостигот на пари, туку во начинот на кој се води операцијата.
„Имате трилиони. Имате над еден трилион долари. Барате 1,5 трилиони долари. Ова не е прашање на пари. Ова е прашање на лидерство и разбирање што е потребно за навистина да се победи“, порача сенаторот.
јули 23, 2026

