Connect with us

Регион

Во Италија запленети 770 килограми кокаин од Еквадор – на дел од пакетите имало српско знаме

Италијанската финансиска полиција и царинските служби запленија повеќе од 770 килограми кокаин во пристаништето Вадо Лигуре, скриен во пратка со банани пристигната од Еквадор, соопшти Италијанската финансиска полиција.

Според соопштението, припадниците на Финансиската полиција од Савона, во соработка со колегите од Џенова и службениците од Царинската и монополската управа, пронашле 650 пакети со дрога во ладилен контејнер.

Брзата анализа извршена за време на контролата покажала дека станува збор за кокаин со исклучително висока чистота.

Дрогата била скриена меѓу десетици палети со банани во контејнер кој пристигнал од едно од главните пристаништа во Еквадор.

На дел од пакетите се гледа и знамето на Србија, покажува видеоснимката што ја објави Италијанската финансиска полиција.

Италијанските власти наведуваат дека заплената е резултат на засилените контроли на трговските рути што ја поврзуваат Јужна Америка со пристаништето Вадо Лигуре, кое станува сè поважно трговско јазолче кон Европа, но и сè попривлечно за организирање незаконски активности.

Според процените на надлежните, доколку кокаинот стигнел до нелегалниот пазар, на криминалните организации би им донел заработка од околу 250 милиони евра.

Како што наведува Италијанската финансиска полиција, ова е една од најзначајните акции против трговијата со дрога спроведени во последните години во пристаништето Вадо Лигуре.

Ad
Ad