Свет
Индиската „Скајрут аероспејс“ успешно лансираше ракета во Земјината ниска орбита
Индиската компанија „Скајрут аероспејс“ влезе во историјата на вселенските летови, успешно лансирајќи ја својата ракета „Викрам-1“ во земјината ниска орбита на 18 јули. Со тоа, Индија е третата земја што може да се пофали со приватна компанија со успешно орбитално лансирање. Претходно, тука се впишаа вселенски компании од САД и Кина.
Приватната вселенска компанија „Скајрут аероспејс“, со седиште во градот Хајдерабад во централна Индија, формирана е во 2018 година. Компанијата влезе во историјата четири години подоцна со својата ракета „Викрам-С“, станувајќи првата приватна индиска компанија што некогаш стигнала до вселената. Орбиталната ракета „Викрам-1“ го означува следниот чекор за „Скајрут“. Се работи за четиристепена ракета, висока колку седумкатница, осмислена за лансирање мали сателити и, според компанијата, може да носи околу 350 килограми товар во ниската орбита.
- Пазарот за лансирање мали сателити е длабоко ограничен од страна на понудата. Истовремено, побарувачката за услуги овозможени од сателитите во вселената само ќе продолжи да расте. Тука лежи можноста за „Скајрут“, изјави со-основачот и извршен директор на индиската компанија, Паван Кумар Чандана, кој заедно со Нага Барат Дака, претходно работеше за Индиската асоцијација за вселенски истражувања (ИСПА).
Компанијата ја почна својата мисија во сабота наутро со пробниот лет наречен „Пристигнување (Агаман)“. Главната цел беше проверка на системите на ракетата во лет. Притоа, ракетата носеше и товар што требаше да биде поставен на надморска височина од 450 километри.
- Мисијата „Викрам-1 Агаман“ е голем успех!, нагласи директорот на мисијата.
„Викрам-1“ полета од Вселенскиот центар „Сатиш Даван“ на индискиот крајбрежен остров Шрихарикота. Ракетата ја следеше предвидената траекторија – распоредувајќи го товарот точно како што беше предвидено. Сите свои задачи ги заврши во рок од 17 минути од полетувањето.
- Успешното орбитално лансирање на ракетата „Викрам-1“ на „Скајрут аероспејс“ (мисијата „Агаман“) означува клучна пресвртница за вселенското патување на Индија. Со извршувањето на првиот целосно приватен орбитален лет во земјата, Скајрут ги проби традиционалните граници и покажа дека нашата домашна индустрија е подготвена да извршува вселенски мисии од почеток до крај, истакна генерал-потполковник Анил К. Бхат.
Според него, ова е голем момент за „Скајрут“ и Индија. Бхат, инаку извршен директор на ИСПА, вели дека ова достигнување е само најава за другите големи потфати во иднина.
јули 21, 2026

