Политика
Панова: Политичката незрелост на опозицијата го блокира носењето на Изборниот законик
И покрај нашиот обид и четири месеци преговори, договори, состаноци, на кои аргументирано се дебатира во врска со Изборниот законик (ИЗ), на крајот причините за недонесување на Изборниот законик се очигледната неспремност од страна на опозицијата да прифатат дека ќе направиме уште еден голем успех со носење на овој Изборен законик, со тоа што ќе исполневме 10 од 10 од условите за реформската агенда и ќе добиевме многу повеќе пари, што беше само една од нашите цели – изјави Ели Панова, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеничка во Собранието, во интервју за „Слободен печат“, што МИА го пренесува интегрално.
Пратеничката Панова потенцира дека опозицијата покажа одредена политичка незрелост со тоа што не прифатија забелешките на ОБСЕ и ОДИХР да бидат имплементирани во Изборниот законик, како и фактот дека ИЗ е еден од законите што мораат да бидат донесени со консензус бидејќи тој е подложен на филибастеринг во Собранието и во секој момент, како што вели Панова, може која било политичка партија да го блокира неговото донесување, како што и впрочем се случи преку поднесувањето 13.000 опозициски амандмани.
Панова, меѓу другото, се осврна и на точките за кои дискутираа политичките партии, а кои се однесуваа на потенцијалните измени на ИЗ, притоа истакнувајќи го и единственото барање на ВМРО-ДПМНЕ за начинот на гласање на дијаспората.
– Дијаспората била една од точките на кои се разговарало на тие состаноци, една изборна единица, како и финансирањето на политичките партии за време на кампањата. Дијаспората беше на една од нашите точки. Зошто – затоа што сметаме дека парите што државата ги троши на избори се интерес на граѓаните. Ако ние трошиме финансиски средства за да може да се одржат избори во дијаспората или во нашите дипломатски претставништва во дијаспората, тогаш треба да овозможиме граѓаните што се во дијаспората да излезат и да гласаат. И сега ние секој изборен циклус на сите избори испраќаме цели комисии, кои таму би требало да организираат фер и демократско гласање, меѓутоа не сите граѓани во дијаспората имаат можност да патуваат со часови за да може да го остварат демократското право што им е загарантирано во согласност со Уставот. Дали вреди како држава да организираме избори за на тие избори во одреден град во некоја странска држава да излезат само девет или 10 гласачи? Дали е тоа интерес на граѓаните?“ – праша Панова и додаде:
– Во исто време не смееме да забораваме дека ние имаме нераскинлива врска со дијаспората. Тоа се наши граѓани, наши државјани, државјани на Република Македонија, кои сè уште имаат фамилии тука, а ние како власт имаме право да се надеваме дека тие еден ден ќе се вратат тука и ќе придонесуваат за оваа држава“.
Пратеничката Панова ја истакна и контрадикторноста на опозицијата, која, кога беше власт, организира електронско попишување на дијаспората, а денес е против овозможување електронско гласање, истовремено потенцирајќи го и предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, гласањето на дијаспората да биде организирано и по пат на пошта.
– Ако можеше електронски да се попишат нашите граѓани државјани на Република Македонија, кои живеат во моментот во странство, се попишаа електронски на пописот што беше организиран, зошто сега да не можеме да организираме електронско гласање или ете ние бевме флексибилни во нашата намера на начинот на кој ќе биде спроведено ова гласање, дури понудивме тоа да биде организирано и како гласање по пошта како што има многу случаи во Европа. Доколку светот оди напред со оваа технологија, доколку секој од нас може да извади кредит, може да плати огромни финансиски средства онлајн, имаме заштита на податоците, дури казни плаќаме, нели еве сега преку системот „Безбеден град“ ни стигаат казни на имејл и на порака, зошто да немаме доверба дека можеме како држава, нашите институции имаат капацитет да организираат фер и демократски избори? – заврши Панова.
јули 18, 2026

