Connect with us

Вести

Собраниска „виза“ за измените и дополнувањата на Законот за енергетика

Собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика даде „виза“ на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика по скратена постапка.

Предложениот закон го образложи пратеникот Бране Петрушевски и пред членовите на комисијата потсети дека со законот се уредуваат целите и начинот на спроведување на енергетската политика во Република Македонија.

– Поимот енергетска сиромаштија претставува основа за донесување на методологијата за мерење на нивото на енергетска сиромаштија и за понатамошно креирање и спроведување на соодветни мерки за справување со состојбите поврзани со ограничената можност за домаќинствата да обезбедат соодветни енергетски услови за оваа категорија, а како дефиниција не е опфатена во постојниот Закон. Токму затоа потребно е да се допрецизира и оваа дефиниција во поимникот на законот, посочи Петрушевски и додаде дека потребно е да се допрецизираат и условите и постапката за стекнување со лиценца за вршење енергетска дејност, кои би значеле дека истата ќе биде издадена од Регулаторна комисија за енергетика.

Пред членовите на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика пратеникот Петрушевски посочи дека дополнувањата на одредбите исто така се однесуваат и на трговија со гориво и имаат за цел да ги земат предвид специфичностите на мазутот и битуменот како производи што бараат посебни услови за складирање.

-Предлогот на законот овозможува продолжување на постапките за доделување овластувања и реализација на енергетските објекти кои се дел од годишниот план за изградба на енергетски објекти во 2025 година, нагласи Петрушевски.

Членовите на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика едногласно одлучија Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика по скратена постапка да ја продолжи собраниската процедура во македонскиот парламент.

Ad
Ad