Connect with us

Вести

Стојаноски: Со неусвојувањето на Изворниот законик опозициските партии ги оштетија дијаспората и граѓаните во државата

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на денешната прес-конференција истакна дека опозициските партии со неусвојувањето на Изборниот законик не ја оштетија само дијаспората, туку и граѓаните што живеат во државата.

– Денеска е 15 јули, последниот рок кога требаше да биде усвоена изборната реформа. Во исто време, додека е закажана оваа прес-конференција во 11 часот, почнува пленарната седница, на која има 24 точки, но точката за Изборниот законик нема да биде на дневен ред, со што станува јасно дека обврската што Македонија имаше – да го усвои Изборниот законик, нема да биде исполнета. Четири месеци преговарање во рамките на Министерството за правда, средби во Собранието, отворена понуда од владиното мнозинство кон опозицијата и повторно опозицијата не смогна сили да седне, да го договори Изборниот законик, онака како што ним им одговара и да го поднесеме во Собранието за да може денес да го усвоиме. Оваа коалиција не ја оштети само дијаспората, ги оштети и граѓаните што живеат во нашата држава, но покажа и дека изјавите на Кос и Рокас, кои се европски претставници, не значат ништо пред нивниот политички интерес – рече Стојаноски.

Тој нагласи дека она што го гледаме денес во јавноста е театар на свесна блокада, која треба да им служи како алиби за наредниот изборен пораз.

– Не се сретнаа ниту еднаш, иако кажаа дека тоа ќе го направат. Во рамките на Собранието немаше никакви преговори и тоа директно оди на штета на она што беше и наш интерес, тоа што го укажуваа и дипломатите од Европската Унија, конкретно амбасадорот Рокас и комесарката Кос. Сето ова што се направи, се направи само за да не гласа дијаспората, како што тие ги нарекуваат – „антидржавниот елемент“, и оваа одговорност зошто Македонија нема да ги исполни обврските, кои се десет на број, и нема да го заокружи процесот со исполнети десет од десет обврски и зошто нема да ги земе тие 4,2 милиони евра, кои доаѓаа со исполнувањето на оваа обврска, има име и презиме, тоа е коалицијата ДУИ, СДСМ и Левицата – рече Стојаноски.

Тој истакна дека усвојување на овој закон не беше само за да ги детерминира и реорганизира изборните процеси во Македонија. Со усвојувањето на овој закон, рече тој, граѓаните на државата ќе добиеја 4,2 милиони евра, средства што требаше да се искористат за подобрување на условите за живеење во оваа држава.

– Покрај тоа што нема да имаме подобрување на изборниот модел, граѓаните ќе останат без 4,2 милиони евра. Кога ќе поднесуваат амандмани за подобрување на некои услови за живеење, треба да знаат кои се одговорни за тоа зошто 4,2 милиони евра нема да легнат во државниот буџет и да бидат искористени за проекти и за подобрување на условите за живеење на граѓаните – рече Стојаноски.

Најави дека во наредниот период ќе разговараат за оваа прашање, но потенцира дека опозициските партии не сакаат да се договаарт.

– Секако дека ќе разговаме и останува простор во наредниот период. Важно е што јас не знам што повеќе од ова да направиме бидејќи сите услови што тие ги имаа ние ги прифативме. Останува уште еднаш да им дадеме можност да се договораат како што нема да се договораат бидејќи не сакаат да се договораат затоа што се свесни дека им е потребно алиби бидејќи за две години ќе има избори и ним им е потребно алиби – нагласи пратеникот Стојаноски.

Ad
Ad