Архива
Нова потенцијална инвестиција на „Сиврилер Груп“ од 25 милиони евра и над 100 вработувања во ТИРЗ Скопје
Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Гоце Димовски, денеска остварил работна средба со Ахмет Сиври, директор на турската компанија „Sivriler Group“, која разгледува можност за реализација на нова инвестиција во нашата држава. На средбата биле презентирани можностите што ги нудат технолошките индустриски развојни зони, условите за инвестирање, како и поддршката што ДТИРЗ ја обезбедува за компаниите во секоја фаза од инвестицискиот процес.
Како што се додава во денешното соопштение, во рамки на посетата на ТИРЗ – Скопје, претставниците на компанијата се запознале со инфраструктурните капацитети и условите што се нудат за инвеститорите.
– Истовремено, беше разгледан и инвестицискиот проект што предвидува вложување од 25 милиони евра и отворање на повеќе од 100 нови работни места. Согласно првичните планови, инвестицијата на „Sivriler Group“ ќе биде насочена кон воспоставување производствен капацитет што ќе биде извозно ориентиран – се појаснува во соопштението.
Димовски истакнал дека ДТИРЗ останува посветена на активното привлекување нови инвестиции и создавање услови за долгорочен развој на компаниите, преку брза и ефикасна институционална поддршка.
Тој посочил дека секој инвеститор кој ја препознава нашата држава, како и ТИРЗ, како атрактивна дестинација за развој на својот бизнис, е доказ дека земјата располага со конкурентни услови и стабилно деловно опкружување.
– Претставниците на „Sivriler Group“ изразија задоволство од условите за инвестирање и од можностите што ги нуди Македонија, нагласувајќи дека посетата претставува значаен чекор во понатамошната евалуација на инвестицијата и продолжување на разговорите за нејзина реализација – се истакнува во соопштението.
јули 15, 2026

