Вести
Трајков: Проширувањето на ЕУ е геополитичка неопходност и стратешки приоритет за Македонија
Заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков, која е во работна посета на Брисел, синоќа, на тркалезната маса организирана со учесници на високо ниво од Фондацијата Конрад Аденауер- Канцеларија за Европа, истакна дека проширувањето на Европската Унија денес претставува геополитичка неопходност и еден од најважните стратешки инструменти на Унијата – информираат од МЕП.
Според неа, за Македонија европската интеграција останува највисок стратешки приоритет.
– Реформската агенда е во срцето на владините политики. Реформите во владеењето на правото, јавната администрација, економското управување, дигиталната трансформација и институционалната транспарентност се инвестиција во иднината на државата и во подобри услови за граѓаните – истакнала Трајков.
Заменик-министерката за европски прашања подвлекла дека процесот на проширување мора да остане кредибилен, заснован на заслуги и предвидлив, при што и кандидатките земји и Европската Унија треба доследно да ги исполнуваат своите обврски.
Според неа, стабилен, демократски и просперитетен Западен Балкан значи посилна и побезбедна Европска Унија.
На настанот свои видувања имле и државниот министер за Европа во Сојузното министерство за надворешни работи на Германија, Гинтер Крихбаум, германскиот европратеник Михаел Гахлер и член на Комитетот за надворешни работи на Европарламентот.
Трајков потсетила дека Македонија е сигурен сојузник во НАТО, целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и посветена на регионалната стабилност и добрососедските односи.
Со учеството во Брисел, Македонија, како што велат од МЕП, уште еднаш ја потврдила својата стратешка ориентација кон полноправно членство во Европската Унија и подготвеноста да придонесе кон заедничката европска иднина.
јули 14, 2026

