Connect with us

Вести

Судскиот совет избра шест нови судии во Апелациониот суд Штип, еден во Вишиот управен суд

Поранешниот претседател на Судскиот совет, Сашко Георгиев, денеска беше избран за судија на Апелациониот суд Штип во рамки на одлуките што ги донесе Судскиот совет на 549-та седница. Покрај Георгиев, Советот избра уште петмина судии во Апелациониот суд Штип и една судијка во Вишиот управен суд.

За судија на Вишиот управен суд е избрана Едита Насковска, досегашен судија во Управниот суд.

Советот донесе одлука и за избор на шест судии во Апелациониот суд Штип, од кои тројца за граѓанска и тројца за кривична област.

Во граѓанската област за судии во Апелациониот суд Штип се избрани Маја Џорлева, Александар Цацков и Мери Гичева, сите досегашни судии во Основниот суд Штип.

Во кривичната област се избрани Цона Каламерникова, судија во Основниот суд Струмица, како и Јулијана Неткова и Сашко Георгиев, судии во Основниот суд Штип. Георгиев е поранешен член и претседател на Судскиот совет.

На седницата беше усвоен и записникот од 544-та седница на Судскиот совет, одржана на 20 мај годинава.

Точката која се однесува на одлучување по барање за право на надоместок на трошоци поврзани со вршењето на судиската функција беше одложена за наредна седница, со образложение дека претходно треба да ја разгледа Судско-буџетскиот совет.

По паузата, Советот го избра Јордан Јованов за судија на Основен суд Струга, а седницата продолжи со расправа по повеќе претставки и поплаки поднесени од граѓани и правни лица за работата на судиите, претседателите на судовите и судовите.

Ad
Ad