Вести
Николоски: Два милиони патници на македонските аеродроми за првите 6 месеци, најголем раст во регионот
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, по денешните објавени податоци за два милиони патници на скопскиот и охридскиот аеродром во првата половина од годината, оцени дека двата аеродроми годинава ќе ја завршат со над 3,5 милиони патници и оти набргу ќе имаат и 4 милони.
Николоски во одговор на новинарско прашање оцени дека како резултат на владините политики во авиосообраќајот и отворените 28 нови авиолинии скопскиот и охридскиот аеродром се најбрзорастечки во своите категории во регионот.
– Денеска излегоа бројките, одлични се, два милиони патници имаме за шест месеци, тоа е раст од над 30 проценти во споредба со минатата година. Кога беше избрана оваа Влада, бевме нешто над два милиони патници годишно, сега сме два милиони патници за половина година. Минатата година првпат поминавме три милиони патици. Оваа година ќе поминеме 3,5 милиони патници и многу бргу ќе стигнеме до 4 милиони, нешто што беше незамисливо за Македонија. Скопскиот и Охридскиот Регион се најбрзорастечки во своите категории во регионот, тоа ќе продолжи да биде така. Многу се гордеам на оваа политика. Имаме 28 нови дестинации, кризата која беше предизвикана од војната во Заливот речиси и да не се почувствува, а дополнително со керозин од скопскиот аеродром се снабдуваше аеродормот во Приштина, а делумно и аеродромот во Ниш, така што покажавме дека можеме да ги развиваме двата аеродроми и сега одиме на многу повисоки цели – изјави Николоски при посетата на Тетово.
„ТАВ Македонија“, концесионерот на Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид, претходно објави дека двата аеродроми во првата половина од годинава опслужиле 1.955.648 патници, што е зголемување од 28 проценти во однос на истиот период лани. Реализирани се 13.167 лета, што е раст од 7,6 проценти.
Само во јуни скопскиот и охридскиот аеродром заедно имале за 15,6 проценти повеќе патници (374.714) во однос на истиот период лани.
– Растот од 28 проценти на бројот на патници во првите шест месеци од 2026 година претставува извонреден резултат и јасна потврда дека македонските аеродроми се наоѓаат на патека на силен и одржлив развој. Во воздухопловната индустрија двоцифрен раст на патничкиот сообраќај е показател за успешна стратегија, зголемена доверба од патниците и атрактивност како дестинации за авиокомпаниите. Фактот што Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид заедно опслужија речиси два милиони патници за шест месеци истовремено бележејќи и раст од 7,6 проценти на бројот на летови, е резултат на нашата посветеност за развојот на воздушната поврзаност, континуираното унапредување на услугите и успешната соработка со нашите партнери. Остануваме фокусирани на создавање нови можности за раст, проширување на мрежата на дестинации и обезбедување квалитетно патничко искуство, со цел македонските аеродроми да продолжат да ги надминуваат очекувањата и во наредниот период – истакна во пишана изјава Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
Полугодишните статистички податоци на „ТАВ Македонија“ покажуваат дека во првите шест месеци најфреквентна дестинација од Меѓународниот аеродром „Скопје“ е Истанбул (двата аеродроми ИГА и „Сабиха Гокчен“ со 14,2 проценти пазарен удел), а потоа следуваат Минхен Меминген (4,5 проценти), Базел Милуз (4,4 проценти), Дортмунд (4,1 проценти), Цирих (4 проценти) и Франкфурт (3,9 проценти).
јули 11, 2026


