Вести
Ана Виткова номинирана за нов член на РКЕ
Ана Виткова е едногласно номинирана за член на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со отпад. Оваа одлука беше донесена денеска на 59. седница на Комисијата за избори и именувања.
Таа е дипломиран правник со положен правосуден испит и доктор на правни науки, а претходно извршувала функции на државен советник и советник на претседателот на Владата за правни прашања.
На објавениот јавен оглас се пријавиле двајца кандидати. На седницата, кандидатурата на Виткова беше предложена од страна на пратеникот Александар Велјановски.
“Ана Виткова е доктор на правни науки со положен правосуден испит. Меѓу другото, има богато професионално искуство. Исто така, учествувала во многу проекти од областа на енергетиката, како и во комисии за подготовка, организирање и реализација на значајни енергетски проекти од страна на Владата. Сметам дека се работи за кандидат којшто несомнено ќе даде придонес во работењето на Комисијата,” појасни Велјановски.
Вториот пријавен кандидат бил Круме Џиковски, дипломиран правник и магистер по европско право и право на Европската Унија.
На истата седница беше донесена и предлог-одлука за избор на двајца членови на Советот за граѓански надзор. Претседателот на комисијата, Ѓорѓија Сајкоски, објасни дека Собранието на седницата одржана на 11 јуни 2026 година ја донело одлуката за распишување јавен оглас за избор на членови на Советот за граѓански надзор.
Со оваа одлука, Собранието на Република Северна Македонија распиша јавен оглас за избор на двајца членови на Советот за граѓански надзор, кои треба да бидат претставници на невладини организации и здруженија од областа на заштита на основните човекови права и слободи, како и безбедноста и одбраната.
Списокот на пријавени кандидати беше јавно објавен и поставен на платформата е-Парламент. На предлог на пратеникот Миле Левков, едногласно беа изгласани кандидатурите на Андон Дамовски, дипломиран социјален работник, магистер по социјална политика и доктор по социолошки науки, и Гордана Стефковска-Вељановска, дипломиран психолог, за членови во Советот. Двата предлози се за членови од невладини организации.
Не помина предлогот на пратеничката Сања Лукаревска, за избор на Горан Трпеноски, новинар и член на Здружението на новинари.
„Тој е поранешен член на Државната комисија за спречување на корупција. Во повеќе наврати во различни медиуми ја остварувал својата професионална дејност како новинар. Тој е исто така член на Одборот за соработка и јавност на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Во рамки на неговата професионална обука, има завршено и курс за известување во воени конфликти, што ги задоволува сите потребни критериуми за Советот за граѓански надзор,“ појасни таа.
Лукаревска беше единствената која гласаше за овој предлог.
јули 9, 2026

