Вести
Крмов: Понудивме една изборна единица, гласање на дијаспората по пошта само за претседателските избори
Пратеникот на Левица, Борислав Крмов во изјава за медиумите истакна дека на денешната средба одржана во Собранието за Изборниот законик понудиле една изборна единица и гласање на дијаспората само за претседателските избори.
– Нашите позиции се јасни. Ние на маса ја ставивме една изборна единица, нешто околу коешто практично цело македонско општество се согласува, значи ние имаме меѓу 70-80 отсто поддршка од македонското население за такво нешто и мислиме дека ако околу нешто треба да се кошкаме, да се кршат копјата, треба околу една изборна единица, а не унапредување на системот на гласање на дијаспората, бидејќи тоа прашање се појави од нигде никаде, некаде последните два-три состаноци на работната група за Изборниот законик. Од денешниот состанок, нашето компромисно решение беше, добро во ред, во насока на демократизација на македонското општество да помине една изборна единица. Ние рековме добро во ред, ајде како пилот проект нека биде гласање на дијаспората по пошта само за претседателските избори. Тоа денеска на мое изненадување беше прифатено од страна на ВМРО-ДПМНЕ и кажаа дека тоа е фактички став на целата коалиција. Иако ние како партија Левица мора да кажам, имаме едно основано сомневање дека сепак тука постои договор помеѓу политичките партии една изборна единица да не помине – рече Крмов.
Тој потенцира дека не знае како ќе се изведе барањето на владејачката коалиција да се усогласуваат опозициските партии околу сите прашања поврзани со Изборниот законик.
– Сега ќе видиме дали повторно ќе имаме некој повик да се собереме за да разговараме. Ние имавме предлог овој процес да продолжи, значи да не се делиме ние на групи, со неформални состаноци. Ако реформскиот рок е пробиен, ако се бара за први избори на коишто ќе гласа дијаспората по пошта да бидат 2029-та на претседателски, тогаш ние апсолутно имаме повеќе од доволно време, овој процес во форматот во којшто беше во Министерството за правда, да продолжи така и во наредните денови, бидејќи не е тоа едноставна работа гласање на дијаспората па ако сакате и една изборна единица што може да се усогласи во едно попладне со пола час муабет. Значи, тоа се сериозни работи коишто треба месеци и месеци пеглање, разгледување на детали, безбедносни протоколи. Што значи нема проблем зошто овој процес не би продолжил, за жал, тоа од власта беше одбиено. Јас немав впечаток дека е целосно затворен процесот – рече пратеникот на Левица.
Крмов потенцира дека неколку пати на состаноците на работаната група за Изборниот законик неговата партија побарала укинување на платеното политичко рекламирање. Посочи дека штом другите партии инсистирале тоа да постои, тие, вели, побарале поправедна распределба.
јули 8, 2026


