Вести
Муцунски во Катар: Потврдена заложбата за унапредување на соработката во одбраната и безбедноста
Во рамки на работната посета на Катар, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска остварил средба со заменик-претседателот на Владата и државен министер за одбрана на Катар, шеикот Сауд бин Абдулрахман бин Хасан бин Али Ал Тани.
Како што објави Муцунски на фејсбук, на средбата биле разгледани можностите за натамошно унапредување на билатералната соработка во областа на безбедноста и одбраната, а биле разменети и мислења за актуелните регионални и меѓународни безбедносни предизвици.
-Разговаравме за натамошно унапредување на билатералната соработка во областа на безбедноста и одбраната. Разменивме и мислења за актуелните регионални и меѓународни безбедносни предизвици. Ја истакнав нашата улога како земја членка на НАТО и ја поздравив улогата на Катар како важен партнер на Алијансата – стои во објавата.
Дополнува дека на средбата била потврдена и заедничката заложба за зачувување на мирот, стабилноста и безбедноста преку зајакнување на дијалогот и унапредување на билатералната и мултилатералната соработка.
јули 6, 2026


