Регион
Пранкерите на кои паднаа Заев и Мелони, измамија и советник на Мицотакис: Танос Докос им раскажувал за украинскиот дрон кај Лефкада
Руските фарсери Вован и Лексус, познати по нивните шеги со телефонски разговори со познати личности и политичари, во видео објавено вчера, разговараат со Танос Докос, советникот за национална безбедност на грчкиот премиер, еден од нив говори како претставник на кабинетот на украинскиот претседател и со Докос дискутира за украинскиот дрон откриен во Јонското море, а советникот на Мицотакис открива дека во следните месеци ќе има избори во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
За видеото од опозициската ПАСОК, побараа одговори од Владата, но и оставка на Докос, додека пак грчки владини извори брифираа дека станува збор за напад од хибриден карактер со инфилтрација во безбедносните протоколи, преку употреба на исклучително напредна ВИ технологија и потенцираа дека за време на разговорот не дошло до никакво протекување на доверливи или класифицирани информации.
Дополнително, истакнаа дека веќе е во тек програма за надградба на безбедноста на комуникациите и посочија дека слични напади имало и во минатото врз високи европски функционери.
Видеото е објавено на платформата „Рамбле“ (Rumble) трае речиси 12 минути и е во вид на видеоконференција, снимен е само советникот на Мицотакис, а главната тема е украинскиот поморски дрон откриен во близина на Лефкада во Јонското море за кој Атина остро реагираше до Киев.
Докос според она што се гледа на видеото, вели дека потребно е да има отворени канали на комуникација меѓу двете страни, открива дека ден претходно во Киев бил директорот на грчката Национална служба за разузнавање и порачува дека не смее да се повтори инцидентот.
Руските фарсери му велат дека постои несогласување меѓу украинскиот претседател и украинскиот министер за одбрана, кој наводно смета дека инцидентот може да се повтори на некој од грчките островите, на што Докос коментира дека „тоа е малку страшно“ и објаснува дека е туристички период со зголемен е бродскиот сообраќај.
– Имајте на ум дека ќе имаме избори следните месеци и една таков инцидент би предизвикал значајни проблеми за грчката Влада, вели советникот на Мицотакис, според објавеното видео и бара да се направат обиди да спречи повторување такви инциденти.
јули 4, 2026

