Connect with us

Економија

Маркетите што ја имаат зголемено бруто-маржата на прехранбените производи ќе бидат повикани на состанок, порача Мицкоски

Нотирано е во одредени маркети зголемување на бруто-маржата во споредба со минатата година од 2 до 5 отсто и тие ќе бидат повикани на состанок и јасно ќе им се каже дека тоа е недозволиво – истакна денеска претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој одговараше на новинарско прашање до каде се преговорите со маркетите и дали ќе има намалување на цените на прехранбените производи. 

– Да, да бидам конкретен со пример – ако минатата година во јуни бруто-маржата била 10 отсто, сега е 12 или 15 проценти. Тоа се тие дополнителни од 2 до 5 проценти и тоа ние нема да го толерираме и многу јасна порака ќе испратиме кон нив. Кога би се намалиле тие 2-5 отсто, тогаш практично ние би биле земја со најниска инфлација во Европа во овој момент, иако очекувам стабилизирање на инфлацијата во јуни, многу помала вредност во споредба со мај и со април – изјави Мицкоски. 

Премиерот Мицкоски додаде дека за една недела треба да се објават овие параметри врз основа на бројките што ги добиваат од Државниот пазарен инспекторат.

– Исто така, ја дефинираме онаа група од 600-700 производи, каде што правиме анализа, таму ќе ни треба малку повеќе време бидејќи се влезни-излезни фактори, маржа што ја имаат дистрибутерите и производителите во однос на бруто-маржата што ја имаат синџир-маркетите. Малку е посложена анализата, лично јас ја работам, така што можеби ќе ни треба малку повеќе време – истакна премиерот Мицкоски.

Ad
Ad