Вести
Надградена безбедносната контрола на скопскиот аеродром, инвестиција од милион евра
Со инвестиција од милион евра надградена е безбедносната контрола на Меѓународниот аеродром Скопје, каде денеска беа пуштени два нови уреди со компјутерска томографија за проверка на рачен багаж, како и две нови автоматизирани ленти – системи за автоматско враќање на корпите – од британската компанија Smiths Detection.
Овие системи, како што беше речено на нивната промоција, обезбедуваат многу поголема прецизност во откривањето на потенцијални закани и значително ја намалуваат потребата од дополнителни физички проверки.
Исто така ќе обезбедат и подобро искуство за патниците, така што безбедносната контрола ќе биде побрза, времето на чекање ќе биде пократко, а удобноста ќе биде поголема. За разлика од порано, патниците повеќе нема да треба да вадат лаптопи, таблети, мобилни телефони и течности од својот рачен багаж – овие предмети можат да останат во торбата за време на процесот на проверка.
– Се овозможува и поголем капацитет на аеродромот, односно со новата технологија ќе се обработат до двојно повеќе патници на час по линија. Ова е клучно за справување со растечкиот сообраќај, особено во шпицот на сезоната – рече на прес-конференција Неџат Курт, генерален директор на аеродромскиот оператор ТАВ Македонија.
Со оваа технологија, посочи Курт, ТАВ Македонија го позиционира Меѓународниот Аеродром Скопје покрај големите европски центри како што се Франкфурт, Хитроу и Цирих, каде што овие системи веќе се стандардни. Истите уреди се користат и на водечките аеродроми во САД, Израел и Индија, што ја потврдува нивната сигурност и глобално прифаќање.
Курт нагласи дека новите системи се дел од поширок инвестициски циклус во безбедноста на Меѓународниот Аеродром Скопје, откако минатата година беа имплементирани два дополнителни големи проекти во вкупна вредност од 1.930.000 евра кои дополнително го зајакнуваат безбедносниот систем.
– Сите овие инвестиции имаат една цел. Да се унапредат безбедносните процедури, да се зголеми ефикасноста и да се подигне квалитетот на услугата за секој патник – наведе Курт, посочувајќи дека со овие ТАВ Македонија јасно ја потврдува својата стратешка посветеност кон изградба на модерни, безбедни и конкурентни аеродроми кои ги исполнуваат – и ги надминуваат – европските стандарди.
јули 1, 2026

