Connect with us

Вести

Николоски: Следува најкрупната реформа во „Железницата“ – градиме нови пруги, набавуваме нови локомотиви и возови

Имаме јасна визија за комплетна промена на железничкиот сообраќај. Ако наследивме претпријатија на раб на пропаст и пред банкрот, сега имаме карго-сообраќај кој бележи сериозен раст, имаме раст и на бројот на патници, имаме крупни инвестиции во изградба на нови пруги, водиме политика на развој на Железницата како срцевина на економијата – порача вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски по потпишувањето на договорот за грант со директорката на Светската банка за Македонија, Керол Межеван.

Договорот, кој е во износ од еден милион евра, треба да даде поддршка во реформата во преструктурирање на „МЖ Транспорт“ со цел созадавање функционално претпријатие.

Николоски истакна дека со изборот на оваа Влада приоритет е „МЖ Транспорт“ да се надградува и да се модернизира.

– Најпрвин направивме законски измени со кои практично го зачувавме претпријатието имајќи предвид дека последните одлуки на претходната влада значеа затворање на „Железница транспорт“. Потоа влеговме во сериозна реформа внатре во „Железница транспорт“ и веќе првите резултати се гледаат. Оваа година имаме позитивни бројки во првите четири месеци. Имаме раст и во бројот на превезени патници и она што е особено значајно и што мене многу ме радува – сериозен раст на карго-сообраќајот – истакна Николоски.

Додаде дека со ЕУ се работи на трансформацијата на двете желенички претпријатија како дел од планот за раст на ЕУ.

– Tокму овој проект, кој го почнуваме денеска со потпишување на овој грант од страна на Светската банка, за што сакам да се заблагодарам, е почеток на реализација на овој проект, кој ќе значи една темелна и суштинска реформа. Паралелно ќе одиме и со набавка на возови, да се обнови флотата, нешто што е особено значајно. Паралелно со една друга финансиска институција веќе потпишавме договор за набавка на електрични локомотиви, кои многу значат во делот на развој на карго-сообраќајот. Треба да се купат најмалку пет електрични локомотиви – истана вицепремиерот Николоски.

Во однос на крупните инвестици во „Железницата“, тој додаде дека во финална фаза е изградбата на првата линија од градскиот воз, а очекува оваа година да се распише и тенедерот за изградба на втората линија од Илинден до новата железничка станица, како и третата линија од Ѓорче Петров до Ннвата железничка станица и тие да бидат завршени до крајот на 2027 година или првата половина на 2028 година.

– Ако на тоа се додадат исклучително сериозните инвестиции што ги правиме заедно со ЈП „Железница инфраструктура“, тогаш е јасна визијата на Владата дека сакаме комплетна промена на железничкиот сообраќај во државата. Првата делница од пругата, односно железничкото поврзување со Бугарија, беше готова минатиот јануари и заеднички ја ставивме во функција. На втората активно се работи и се надевам дека по потпишувањето на анексот за продолжување на рокот, тоа ќе биде финалниот рок со кој ќе се заврши втората фаза. Исто така, во постапка на избор сме на изведувач за третата фаза – имено, тендерот за надзор е веќе објавен и претквалификацијата тече, а очекуваме многу бргу да биде објавен и тендерот за изградба – рече Николоски.

Посочи дека во рамките на планот за раст се работи и на западното крило на Коридорот 8.

– Првично тоа би било Скопје – Јегуновце – Тетово – Гостивар, втора фаза Гостивар – Кичево и трета фаза од Кичево до Охрид, Струга и поврзување со Албанија. Ако на тоа се додаде и брзата пруга на Коридорот 10 за која веќе ги финализираме документите, тогаш е јасно дека имаме една визија за целосна трансформација на „Железницатa“ – рече Николоски заблагодарувајќи ѝ се на Светската банка за грант-средствата и за континуираната подршка за Македонија. 

Ad
Ad