Економија
Мицкоски: Потрошувачка кошничка во државата е најевтина во Европа, поевтинување на основните производи врвен приоритет
Последите податоци од Евростат, според кои основната потрошувачка кошничка во државава е најевтина во Европа, ги демантираат сите што не сакаат државава да успее – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Откога минатата недела имаше средби со претставници на синџир-маркети, а најави разговори и со производителите и доставувачите со цел да се постигне поевтинување на основните производи по нивниот раст во изминатиот период, Мицкоски потенцира дека цените на основните прехранбени производи за него се врвен приоритет.
– Детално навлегуваме во оваа проблематика, лично јас се занимавам во идентификување на овие 600 производи што влегуваат во статистиката. И тоа го имам јас лично како врвен приоритет. Добро е што Евростат излезе со параметар во кој вели дека основната потрошувачка кошничка во Македонија е убедливо најевтина во Европа и е приближно 49,7 проценти од европскиот просек. Дали е тоа доволно? Не е. Но тоа ги демантира сите оние што не сакаат оваа држава да успее и кои не сакаат да ја видат Македонија горда и напредна и се практично сите оние зли јазици што создаваат лоша, мрачна атмосфера во општеството. И ваквите податоци, ваквите параметри ги демантираат тие антидржавни елементи во Македонија – изјави Мицкоски.
Тоа, оцени, не е доволно и треба да работиме и ќе работиме. – И јас лично, еве ви велам, работам на методологија на идентификување на овие 600-700 производи, кои статистички се мерат, и директно на нив ќе одиме. Ако треба, фактура по фактура, еден по еден производ ќе ги анализираме каде можеме да покачиме и како можеме да покачиме. Ова е темелна операција што лично ја водам и очекувам многу бргу да има резултати ко ќе бидат видливи на терен – рече Мицкоски по присуството на пуштање нова градинка во населбата Трубарево во општина Гази Баба.
Мицкоски минатата недела по средбата со претставниците на најголемите синџир-маркети соопшти дека е дефинирана цел годишната стапка на промена на цените на основните прехранбени производи во јули годинава да биде под 3 проценти, а најави средба во таа насока и со производителите и дистрибутерите.
Во меѓувреме, како што најави Државниот пазарен инспекторат, ќе прави споредбена анализа помеѓу цените на ист производ на доставувачите кон маркетите и цените на маркетите за тој производ кон потрошувачите за мај годинава во споредба со мај лани. Целта, вели Мицкоски, е да се види што е тоа што креира состојба да имаме зголемени цени на основните прехранбени производи.
јуни 30, 2026

