Економија
Значителни резултати за само осум месеци од преземањето на туризмот, буџетот поголем над 200 отсто отколку во 2023, вели Љутков
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков во отчетот за изминатите две години истакна дека се постигнати значителни резултати за само осум месеци откако е преземен туризмот во склоп на Министерството, односно по укинувањето на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во 2025 година.
-Буџетот е зголемен од 58 милиони денари во 2023 на 186 милиони денари во оваа година. Тоа е повеќе од 200 проценти раст. Се отворивме кон нови пазари, кои се реализираа во тесна соработка со приватниот сектор. Заеднички се претставивме на роуд-шоуа и Б2Б настани во Германија, Шпанија, Финска, при што особено се издвојува настанот „New Deal of Europe“ во Лондон. Преземени се подготвителни активности и интензивна комуникација со туроператори од Холандија и Полска, рече Љутков на прес-конференцијата.
Посочи дека со измена на законот за игри на среќа, за развој на туризмот ќе се добиваат дополнителни 4 проценти и соопшти дека во јули ќе се отвори Инфоцентарот за туристи во центарот на Скопје, со што секој турист ќе има можност на едно место да се информира за сите културни, историски и туристички содржини.
-Особено сум горд дека за многу краток период поставени се темелите на стратешкиот документ за туризмот со акциски план во кој со конкретни мерки ќе ја позиционира Македонија, не само како дестинација за кратка посета, туку, како конкурентна европска дестинација со автентично искуство, повисока вредност и поголем локален импакт, додаде министерот.
јуни 26, 2026

