Политика
Митева: Човек кој зад себе има огромни скандали и криминални состојби како Филипче, не може барањата за правда да ги претставува како закана
Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева во гостување на емисијата „Анализа’’ на Телевизија 24, се осврна на случувањата на собраниската седница за пратенички прашања, каде што како што напомена, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговори на поставено прашање на пратеникот Венко Филипче во однос на тоа дали се чувствува виновен за одредени политики, премиерот јасно и децидно кажа дека се чувствува виновен за тоа што луѓето како него и неговиот претходник Заев кои имаат голем број на криминални афери, се на слобода, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако убаво се слушне прашањето коешто беше поставено од страна на пратеник, одговорот беше многу соодветно даден во детали. Така што не можам да се согласам дека станува збор за било каква закана, таа говорница таму има за цел да ги спротивстави аргументите и мислам дека кога аргументите не се допаѓаат не треба да ги квалификуваме како закана или ветување или било кој друг начин’’, истакна Митева и додаде дека барањето за правда не е некаква закана затоа што оној којшто ги поставува прашањата, во случајот претседателот на СДС, Венко Филипче е човек кој има зад себе огромни скандали, афери и криминали.
„Ако прашањето беше дали се чувствувате виновен премиерот одговори за што се чувствува виновен, за тоа што луѓето од денешницата ги поставуваат прашањата и зборуваат за наводни негативни конотации се луѓето коишто изминативе седум години придонесоа многу од тие состојби да бидат наследени и многу од тие состојби да треба оваа влада предводена од Христијан Мицкоски да наоѓа решение како да ги поправи, подобри и се со цел да дадеме една правилна насока во движењето на државата. Така што, не сметам дека за човек којшто зад себе и за своето име има огромни скандали и огромни криминални состојби коишто беа презентирани во јавноста, барањето за правда да е било каква закана’’, рече Митева.
Во однос на правосудството, Митева потенцираше дека барањето за правда е од суштинско значење и дека истата треба да важи подеднакво за сите, а не селективно како порано.
„Сметам дека изјавите на премиерот коишто одат во насока на обелоденување на состојбите коишто се случуваат во правосудството, детектирање на слабостите и непостапувањето и немањето на одговорност на сите оние поранешни функционери коишто навистина се огрешија пред законот. Мислам дека барањето на правда којашто не само ние туку сите граѓани ја очекуваат се толкува на еден или на друг начин, напротив се избегнува од суштината на клучното прашање, а тоа е дали навистина ние цениме дека правдата треба да важи селективно или треба да важи подеднакво за сите. Така што можеме ние да навлеземе или било кој во толкување дали е соодветно несоодветно дали најавата од собраниска говорница била закана или така натаму, но суштината на прашањето е дали за случаите коишто беа во минатото има одговорност за тие коишто денеска од говорница собираат храброст да зборуваат и да даваат некакви оценки’’, истакна Митева и додаде:
„Јас можам со сигурност да ви кажам дека најголемата оценка во државата за политиките и за она што се случува знаеме кој ја дава,а тоа се граѓаните. Така што нивната оценка се виде, а јас сум сигурна дека оценката ќе ја види и оваа влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и од Христијан Мицкоски на идните избори’’, заклучи Митева.
јуни 26, 2026

