Вести
Утврдена потребата по скратена постапка да се донесат предлог-законите за основно и средно образование
Собранието во рамки на денешната 106. седница ја утврди потребата по скратена постапка да се донесат Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за средното образование. Со двата предлог-закони се предвидува изрекување на глоби во износ од 250 евра во денарска противвредност за родителот на ученикот кој е сторител на насилството за секое сторено насилство, како и доколку не соработува со училиштето.
Пратеничкат на ВМРО-ДПМНЕ и еден од предлагачите, Катерина Димитровска нагласи дека законските измени се во насока на спроведување на оптимизацијата на училишната мрежа и се утврдува прекршочна одговорност за родителот, односно старателот на ученик сторител на насилство кој не соработува со училиштето во постапките за негово
надминување, спречување и превенција.

-За жал последните години се почесто сме сведоци на случаи на насилство меѓу учениците. Праксата покажува дека училиштето не може сама да се справува со овие состојби, особено кога застанува соработката од страна на родителите. Току затоа, со предложените измени се зајакнува одговорноста на родителот или старателот и се воспоставува јасна обврска за соработка со училиштето и надлежните институции. Дополнително, се предвидува навремено известување на Државниот просветен инспекторат за изречените педагошки мерки што се овозможува поефикасно следење и постапување во случаи на насилство. Воедно, се создаваат појасни процедури при формирањето на парарелелки со помал број на ученици, со цел поодговорно планирање и подобра организација на училишната мрежа – рече Димитровска.
Потенцира дека со предложената измена се уредува дека по изречена педагошка мерка врз ученик сторител на насилство, во рок од три дена училиштето треба да го извести Државниот просветен инспекторат, со цел истиот да изрече глоба за родителот.
Со предложените измени, како што нагласи пратеничката, се овозможува и поголема флексибилност на општините во управувањето со средствата за образование, што ќе придонесе за поефикасно функционирање на училиштата и подобро искористување на расположливите ресурси.
-Ова не е прашање само на законски измени, туку на создавање систем во кој одговорноста ја споделуваат сите – родителите, училиштата, институциите и заедницата. Само така можеме да обезбедиме безбедна, квалитетна и поттикнувачка средина за секое дете – рече Димитровска.
За Предлог-законите ќе треба да расправаат собраниската Комисијата за образование, наука и спорт и Законодавно-правната комисијата.
јуни 25, 2026


