Вести
Мемеди: Околу половина од сестрите на Клиниката не може да покриваат дежурства и сменска работа, се бараат нови вработувања
Околу половина од сестрите на Kлиниката не може да покриваат дежурства и сменска работа – се бараат нови вработувања, на новинарско прашање одговори директорот на Детската клиника во Скопје, Реџеп Мемеди, за време на денешната прес-конференција.
– Еден од сериозните проблеми на клиниката, е сериозниот недостиг на кадар, особено средно – медицински кадар. Уште од првите денови јас се соочував со барања од сите оддели, за ангажирање на медицински сестри, бидејќи не беше возможно да се организира работата и сменската работа, а имаме пациенти од целата држава. Годишно на клиниката имаме околу 70 илјади прегледи и над седум илјади хоспитализирани – нагласи директорот.
Тој рече дека со доаѓањето за директор, се започнало и со решавањето на проблемите. Притоа истакна дека побарал од Министерството за финансии, дополнителни согласности за нови вработувања. Од 144 вработени сестри, 25 биле над 60 години, па за некое време ќе исполнеле услов за пензија. Дополнителни 15 сестри биле над 57 години, и тие по закон биле ослободени од дежурства. Единаесет, работеле со скратено работно време, други 16 сестри, користеле породилно отсуство, што значи, вели, околу половина од вработените сестри, не можеле да покриваат дежурства и сменски работи.
– Заради тоа, пратив дополнително барање за ангажирање дополнителен персонал со договор на дело. Имаме планирано буџет за вработувања и ангажман со договор на дело. Врз основа на нашето барање, во 2025 година добивме согласност за ангажман со договор на дело. Во декември лани, заедно со барањето за продолжување на таа согласност за оваа година, доставивме и табела со точно означен соодветен буџет за тие вработувања и буџетот што го имаме за исплата на плати – појасни Мемеди.
Како што рече директорот, во април добиле негативен одговор од Министерството за финансии, за продолжување на согласностите за лицата со договор на дело. Околу десет од нив, повеќе од четири години биле со договор на дело и, оттогаш, вели, не доаѓале на работа.
– Недостигот од нив, сериозно ги доведува во прашање нормалното работење и квалитетот на услугата. Од овие 50 ангажирани со договор на дело, скоро половина се медицински персонал. Или, 18 медицински сестри, четири лабораториски техничари и еден биолог. Останатите се администратори и технички персонал. Сите неопходни за нормално функционирање на работата. Без нив, се соочуваме со сериозни проблеми во организацијата на работата – појасни Мемеди.
јуни 24, 2026

