Политика
Стојаноски: Македонија бележи раст од 7,6% на индустриското производство
Денес ќе зборувам за резултатите во индустријата и за ефектите од економските политики кои Владата ги спроведува во изминатиот период. Она што е најважно е дека бројките зборуваат сами за себе, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција, што МИА ја пренесува интегрално.
Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, во 2026 година индустриското производство бележи раст од 7,6 проценти во однос на 2025 година. Во исто време, кумулативно за 2026 година индустриското производство е во позитивна зона и бележи раст од 0,2 проценти.
Но, суштината е во нешто друго. Во услови кога голем дел од европските економии се соочуваат со забавување на индустриската активност, кога индустриското производство во многу држави е во негатива, Македонија е во позитива.
Ова не е случајност. Ова е резултат на јасна економска политика и директна поддршка на домашните компании.
Владата обезбеди силен финансиски поттик за стопанството преку кредитната линија од 230 милиони евра наменета за домашните претпријатија. Тоа се средства кои не останаа само бројка на хартија, туку завршија во нови инвестиции, нова опрема, проширени капацитети, поголемо производство и нови можности за развој.
Кога државата стои зад домашните компании, резултатите се видливи. Расте производството, расте индустрискиот промет, се зголемува економската активност и се отвора простор за нови работни места.
Особено значајно е што растот доаѓа од преработувачката индустрија, секторот кој создава најголема додадена вредност и кој е двигател на извозот и економскиот развој.
Затоа денес можеме со сигурност да кажеме дека економските политики даваат резултати. Не зборуваме за проценки, туку за официјални статистички податоци.
Ќе продолжиме со поддршка на домашната економија, на македонските компании и на македонските работници, затоа што само со силна индустрија можеме да обезбедиме повисок животен стандард, повисоки плати и посилна македонска економија.
Времето на стагнација завршува. Македонија повторно произведува, инвестира и напредува.
јуни 20, 2026


