Connect with us

Свет

Авганистанската полиција насилно растера протести против задолжителното носење хиџаб во Херат

Авганистанските безбедносни сили растераа протест за поддршка на правата на жените во западната покраина Херат, откако локалните жители соопштија дека полиција за морал на талибанците привела жени обвинети за непочитување на задолжителните правила за облекување.

Очевидци изјавија дека едно лице е убиено, неколкумина се повредени, а десетици лица, меѓу кои жени и девојчиња, биле уапсени.

Талибанските власти засега не ги потврдуваат информациите за приведувањата.

Портпаролот на полицијата во Херат, Сајед Масуд Хосеини, изјави за државната агенција Бахтар дека собирот во областа Џебраил „создал тензии“ и го нарушил јавниот ред под изговор на противење на носењето хиџаб, кое тој го опиша како верска обврска.

Според очевидци, протестите избувнале кога службеници на Министерството за промовирање на доблеста и спречување на порокот се обиделе да приведат жени кои се спротивставувале на задолжителниот кодекс на облекување.

Некои жители тврдат дека властите нападнале и жени кои ги почитувале правилата за облекување, кои подразбираат целосно покривање на лицето и на телото.

Видеоснимки од Херат прикажуваат вооружени припадници на безбедносните сили како ја растеруваат толпата. Меѓу демонстрантите имало и целосно покриени жени. На една од снимките се гледа како луѓето бегаат за да се засолнат додека во околината одекнуваат истрели.

По преземањето на власта во Кабул во 2021 година, талибанците воведоа строги ограничувања за жените и за девојчињата во земјата. Мерките вклучуваат ограничен пристап до образование, работа и спорт, што беше остро осудено од меѓународната заедница.

Херат, кој долго време важеше за еден од најживите општествени и културни центри во Авганистан, во изминатите години претрпе значителни промени.

Мисијата на ОН за помош на Авганистан (УНАМА) вчера изрази загриженост поради извештаите дека жени во западниот дел на земјата биле приведени поради непочитување на правилата за облекување.

Мисијата ги повика талибанските власти да ги почитуваат слободата на движење и еднаквоста пред законот.

Талибанците, од своја страна, тврдат дека ги почитуваат правата на жените во согласност со нивното толкување на исламското право

Ad
Ad