Connect with us

Свет

САД: Поранешната главна државна обвинителка Бонди се дистанцира од пропустите во случајот Епстин и побара доживотен затвор за Максвел

Поранешната главна државна обвинителка на САД, Пем Бонди, изјави пред конгресмените дека Тод Бланш, кого претседателот Доналд Трамп го избра за нејзин наследник, бил директно задолжен за контроверзното постапување на Министерството за правда во случајот со починатиот финансиер и осуден сексуален престапник, Џефри Епстин.

Во своето сведочење пред Комитетот за надзор и реформи на Претставничкиот дом, кој води истрага за случајот, Бонди исто така нагласи дека „не е сигурна во која мера“ Трамп бил запознаен со кривичните дела на Епстин и на неговата соучесничка Гилејн Максвел пред тие да доспеат во јавноста, пишува „Гардијан“.

Според официјалниот транскрипт што комитетот го објави вчера, Бонди тврди дека Бланш, кој бил нејзин заменик во Министерството за правда, бил одговорен за „целокупното објавување на списите за Епстин“. По нејзината смена, Бланш беше именуван за вршител на должноста главен државен обвинител, а Трамп оваа недела најави дека планира трајно да го номинира на таа функција, по што неговиот избор ќе треба да го потврди американскиот Сенат.

Минатата недела Бонди се соочи со низа прашања за постапувањето на нејзиното министерство со документите за Епстин за време на нејзиниот мандат. Министерството и понатаму е под лупа во јавноста поради начинот на кој го спроведе Законот за транспарентност на фајловите за Епстин, кој налагаше објавување на сите поврзани документи, иако од институцијата тврдат дека постапувале целосно во согласност со законот.

Повеќе конгресмени од двете политички партии, како и жртвите на злоставувањето на Епстин, упатија остри критики поради редактирањето на одредени делови и на откривањето чувствителни лични податоци во списите. Бонди во своето воведно обраќање ја бранеше работата на министерството под нејзино владение, но истовремено се дистанцираше од самиот процес на објава и на ревизија на списите, нагласувајќи дека не го водела секој аспект од тие напори, туку дека нив ги надгледувал Бланш.

„Тод беше задолжен за процесот и за целокупното објавување на списите за Епстин“, им соопшти таа на конгресмените на 29 мај. Таа призна дека „имало грешки во редактирањето“ при објавата, но инсистираше дека министерството од првиот ден било посветено на одговорноста и на транспарентноста. За време на паузата од испрашувањето минатата недела, неколкумина демократски конгресмени изјавија пред новинарите дека Бонди им рекла оти Бланш ја водел истрагата за Епстин и дека сите грешки во редактирањето и неуспехот да се заштитат жртвите таа и понатаму ги префрла врз него. Бонди подоцна на социјалните мрежи со големи букви отфрли ваква интерпретација, пишувајќи „НЕ Е ВИСТИНА“ и додавајќи дека всушност го пофалила управувањето на Бланш со оваа „херкуловска задача“.

Транскриптот од сведочењето покажува дека Бонди навистина ги изнела тврдењата што ги пренесоа демократите, но и дека негирала дека сака да ја префрли вината. – Тод Бланш е еден од најетичните поединци што ги познавам и мислам дека е неверојатен вршител на должноста главен државен обвинител. Тој ја водеше оваа истрага, а тоа беше херкуловска задача со многу малку грешки – додаде таа.

Во меѓувреме, портпаролката на Белата куќа, Абигејл Џексон, вчера изјави дека Трамп е „потполно ослободен од какви било обвинувања поврзани со Епстин“.

За време на сведочењето, Бонди исто така им кажа на конгресмените дека за контроверзното преместување на Гилејн Максвел во друг затвор дознала од ТВ вестите откако тоа веќе се случило и дека немала никаква врска со тоа. Максвел, долгогодишната соработничка на Епстин, моментално отслужува 20-годишна затворска казна за сексуална трговија со луѓе. На прашањето дали Максвел треба да добие помилување, Бонди одлучно одговори „не“, нарекувајќи ја „монструм“ и додавајќи: „Верувам дека таа треба да умре во затвор“. Таа во текот на целото сослушување одбиваше да зборува за какви било приватни разговори со Трамп, наведувајќи дека нема да ги коментира комуникациите што ги водела со претседателот на САД.

На прашањето дали по нејзиното преземање на должноста до министерството се обратиле жртви или нивни адвокати, Бонди одговори потврдно, но не можеше да се сети на точниот број. Таа потврди дека лично не се сретнала со нив, туку дека разговарала со една адвокатка на чие име не се сеќава и дека ја упатила кон ФБИ, појаснувајќи дека кога жртвата има правен застапник, комуникацијата секогаш оди преку адвокатот.

По ова сведочење, кое уследи по повеќенеделни расправии меѓу Бонди и членовите на комитетот, демократите сега апелираат до претседателот на ова тело, републиканецот Џејмс Комер, на сослушување итно да ги повика и Тод Бланш и директорот на ФБИ, Каш Пател, за да одговорат на прашањата во рамките на истрагата за случајот Епстин

Ad
Ad