Регион
Фн дер Лајен: Србија знае кои се условите
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека Србија многу добро знае дека мора да спроведе реформи во областа на владеењето на правото за да го отвори кластерот 3. Таа додаде дека станува збор за судски реформи, Регулаторното тело за електронски медиуми, изборните закони и усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.
„Тоа е процес базиран на заслуги, а владеењето на правото е камен-темелник, како и слободата на медиумите“, изјави Фон дер Лајен на прес-конференција по самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват, пренесоа српските медиуми.
Одговарајќи на прашањето за Србија, таа рече дека на Србија и е јасно дека третиот кластер ќе биде отворен ако ги спроведе тие реформи.
„Доколку Србија го исполни својот дел, и ние ќе го исполниме нашиот“, изјави Фон дер Лајен, нагласувајќи дека ЕУ ја сака Србија како свој дел и го поддржува српското општество на европскиот пат, но мора да се исполнат критериумите за членство.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, истакна дека српските власти излегле со јасна временска рамка за исполнување на одредени чекори, додавајќи дека во наредните недели се очекува да се исполнат препораките на Венецијанската комисија за судски закони.
Седницата на Венецијанската комисија е на 12 јуни.
Кошта, исто така, потсети дека Србија усвои четири изборни закони, врз основа на препораките на ОДИХР, и дека се очекува да се донесат уште два закона во наредниот период, со цел да се исполнат преостанатите препораки.
„Потоа комисијата ќе ја даде својата оценка, а Советот на ЕУ ќе донесе одлука за отворање на кластерот“, рече Кошта.
јуни 6, 2026


