Регион
Вучиќ: Депортираните лица од Црна Гора не се криминалци, некој од моите соработници донел лоша политичка одлука
Би дошол тука и би рекол извинете за непријатноста, бидејќи јас сум тој кој ќе ја плати политичката цена за погрешната одлука донесена од некој од мојата околина, изјави денеска во Тиват претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Тој додаде дека не знаел за чартер летот што беше вратен во Белград од Тиват вчера, под наводи дека на него имало 87 осомничени за безбедноста.
„Работам на тоа и тоа е наша внатрепартиска работа, работам на тоа“, изјави Вучиќ пред новинарите во Тиват, пренесоа српските медиуми.
„Ноторна лага е дека станува збор за некакви криминалци, станува збор за активисти кои требало да донесат, да закачат некакви транспаренти“.
Тој додаде и дека државното раководство на Црна Гора можело да го избегне дипломатскиот инцидент доколку го контактирале и му го соопштиле проблемот.
„Приказните за дестабилизација се бесмислени… Тоа е моја и наша работа, бидејќи тие не извршиле никакво кривично дело… И не додавајте работи што не се случиле, бидејќи не дошле вооружени… Немале оружје, ништо навредливо, за мене транспарентот Србија победува е убава порака“.
Вучиќ ги повика државните власти на Србија, кои почнаа да спроведуваат мерки на реципроцитет, да го спречат тоа и да „ги пуштат најнормалните граѓани на Црна Гора во Србија“ без никакви проблеми.
Вучиќ во Тиват изјави дека не е тајна дека криминални кланови од Црна Гора сакале да платат некого да го убие и додаде дека ова е и во записи на Скај апликацијата.
јуни 5, 2026