Connect with us

Свет

ЕК ја продолжува постапката против Бугарија поради правилата за правна помош

Европската комисија соопшти дека ги продолжува прекршочните постапки против Бугарија и Полска, а поведува постапка и против Португалија поради нецелосно транспонирање на европските правила за правна помош – јави БТА.

Во соопштението се наведува дека трите држави не ги примениле правилно одредбите на ЕУ што се однесуваат на правната помош за осомничени и обвинети лица во кривични постапки.

Европското законодавство обезбедува заштита на основните права на осомничените и обвинетите, вклучително и на лицата што се бараат со европска потерница за апсење.

Според Европската комисија, во Бугарија и Полска пристап до правна помош им се обезбедува само на лицата против кои е поднесено официјално обвинение, но не и на осомничените за сторено кривично дело.

Таквата практика е спротивна на опфатот на европските правила, се наведува во соопштението.

Комисијата ја почна постапката против Бугарија во ноември 2025 година, а денеска го презеде следниот чекор во процедурата.

Засегнатите држави имаат рок од два месеци да одговорат и да ги отстранат утврдените недостатоци. Доколку одговорот не биде задоволителен, Европската комисија може да одлучи да ги упати Бугарија и Полска пред Судот на Европската Унија. 

Ad
Ad