Регион
Централната метростаница во Атина се претвора во концертна сала – поставено пијано достапно за сите граѓани
Звуците на некоја класична мелодија, на Моцарт, Шопен, но и некоја популарна музичка композиција, отсвирени на пијано, деновиве ги придружуваат сите оние кои ја користат централната метростаница во Атина, откако беше поставено пијано – достапно за сите кои сакаат да отсвират нешто и да им го разубават денот на нивните сограѓани или пак на туристите, јави дописничката на МИА од Атина.
Трендот од други европски градови за поставување пијано во метростаница, пристигна и во Атина, а јавното пијано, бесплатно за сите, се наоѓа во главниот хол на метростаницата „Синтагма“, што е и најпрометна станица во грчката метропола.
Секој патник или минувач може слободно да седне и да свири нешто.
Социјалните мрежи во Грција деновиве се исполнети со видеа од талентирани граѓани кои ги свират нивните омилени композиции, додека спонтано околу нив се собира публика што со аплауз го наградува мини концертот.
Заменик-министерот за транспорт и инфраструктура на Грција Константинос Киранакис, преку видео објавено на социјалните мрежи коментираше дека со иницијативата внеле оптимизам во секојдневието на граѓаните.
– Музиката ти ја менува психологијата, ти го менува секојдневието, нагласи Киранакис и ѝ се заблагодари на компанијата што го постави пијаното.
јуни 5, 2026

