Регион
Анита Димитриу повторно избрана за претседателка на кипарскиот Парламент
Лидерката и централно-десничарската Демократски собир (ДИСИ), партијата победник на парламентарните избори на Кипар и досегашната претседателка на кипарскиот Парламент, Анита Димитриу, попладнево беше одново избрана на истата функција и доби втор мандат, јави дописничката на МИА од Атина.
Димитриу за претседателка на Парламентот беше избрана при второто гласање со освоени 29 гласа „за“ од 56 пратеници, а нејзиниот противкандидат од левичарско – социјалистичката АКЕЛ Стефанос Стефану, доби 19 гласа, додека осум пратеници беа воздржани.
За претседател на Пратеничкиот дом, имаше четворица кандидати од четири партии, во првиот круг никој не го доби потребното мнозинство, по што се одржа вториот меѓу Димитриу и Стефану.
Веднаш по изборот, според кипарските медиуми, Димитриу се заблагодарила за довербата, посочувајќи дека за неа претставува голема чест, но и одговорност и нагласила дека од пратениците „не бара да се согласуваат за сè, бидејќи тоа не е здраво за демократијата“.
– Сепак, барам нашите несогласувања да бидат со аргументи, нашите спротивставени ставови да се изразуваат со почит и да не забораваме дека зад секој закон, секој амандман и секоја одлука стојат луѓе, семејства, бизниси, заедници и реални човечки животи, посочила Димитриу.
Честитки за изборот за претседателка на Парламентот, упати и кипарскиот претседател Никос Христодулидис.
На парламентарните избори одржани пред десет дена, ДИСИ предводена од 40-годишната Димитриу со 27,1 отсто од гласовите беше победник и доби 17 пратенички места, а место во Парламентот обезбедија шест партии
Пред пет години, по парламентарните избори во 2021 година, Кипар доби прва жена претседател на Парламентот, откако Димитриу беше избрана за претседателка на Претставничкиот дом.
јуни 5, 2026