Свет
Рубио: Во наредните денови Иран можеби ќе преговара за својата нуклеарна програма
Постои можност во наредните денови Иран со САД за првпат да преговара за својата нуклеарна програма, изјави денеска американскиот државен секретар Марко Рубио.
Говорејќи пред Одборот за надворешни работи на американскиот Сенат, за првпат од почетокот на војната на САД и Израел против Иран на крајот од февруари, Рубио рече дека разговорите со Техеран се поинакви од оние со другите земји бидејќи вклучуваат посредници.
– Но, пред нас е можност, до која може да дојде денеска, утре, следната недела, тие за првпат да се согласат да преговараат за аспекти на својата нуклеарна програма, кои пред само еден месец или една година одбиваа дури и да ги споменат – рече Рубио и додаде дека се потребни дури и денови за да се добие одговор од Иран, наведувајќи го како причина „фрагментираното иранско раководство“, пренесува Скај њуз.
Според него, не постои иранска морнарица, бидејќи таа лежи на дното на океанот.
– Иран поседува само бродови-китоловци. Тоа за неколку години ќе биде главно место за риболов, бидејќи ќе се претвори во корални гребени – рече Рубио.
Тој наведе дека Иран направил „толку многу ракети, беспилотни летала и конвенционално оружје“ што „ништо не можело да се направи по тоа прашање“, и оти затоа американскиот претседател Доналд Трамп иницирал напад врз Иран.
– На некои од вас тоа им се допадна, на некои не, но многу успешно ги постигнавме нашите воени цели. Драматично ја намаливме базата на одбранбената индустрија на Иран – рече Рубио.
Тој оцени дека Вашингтон со текот на времето изгубил од вид дека надворешната политика на САД секогаш мора да биде во национален интерес на земјата.
– Понекогаш во надворешната политика, изборите не се помеѓу добар и лош избор. Тоа е помеѓу два помалку од идеални избори. Се обидувате да сфатите кој од овие два избора е најдобар за САД и најмалку штетен за нашите интереси – наведе американскиот државен секретар.
јуни 3, 2026
