Свет
Детскиот фонд на ОН предупредува на зголемените трошоци за транспорт преку Блискиот Исток
Тензиите на Блискиот Исток ги зголемуваат трошоците за обезбедување хуманитарна помош, изјави денеска во Женева Жан-Седрик Меус, раководител на секторот за логистика во УНИЦЕФ, организацијата за деца на ОН.
Меус забележа дека многу бродови мораат да прават долги обиколки околу ’ртот на Добрата Надеж, што го продолжува времето поминато на море за дури четири недели.
– За дете во кризен регион, доцнењето во испораката на вакцини или храна може да направи разлика меѓу живот и смрт – рече Меус.
Цените на авионскиот карго транспорт преку центрите на Блискиот Исток исто така значително пораснаа, при што транспортот на вакцини од Индија до Нигерија или Демократска Република Конго е зголемен за 50 до 70 проценти, рече тој.
Трошоците за транспорт на храна за неисхранети деца од Кенија до Сомалија, Јужен Судан и Конго се зголемени за 30 отсто, а училишниот материјал од Кина за Јемен и Мозамбик сега чини повеќе од двојно, наведе тој.
– Нема да дозволиме овие предизвици да ги загрозат животите и добросостојбата на децата – рече Меус. Сепак, тој повика на зголемено финансирање за УНИЦЕФ за да се покријат овие трошоци.
Ранија Дагаш-Камара од Светската програма за храна на ОН (ВФП) изјави дека финансирањето од земјите донатори значително опаѓа. Додека ВФП доби околу 10 милијарди долари во 2024 година, таа бројка минатата година падна на шест милијарди долари, при што САД сè уште се најголемиот донатор, рече таа.
јуни 3, 2026
