Connect with us

Свет

Фредериксен обезбеди нов мандат како данска премиерка, ќе предводи четирипартитна малцинска влада

Мете Фредериксен обезбеди трет мандат како премиерка на Данска, откако на 10 недели по парламентарните избори постигна договор за владина коалиција, јави ДПА.

Социјалдемократката Фредериксен ќе ја предводи новата централно-левичарска влада составена од четири партии.

Доцна синоќа, Фредериксен го информираше кралот Фредерик X за својата намера да формира коалиција составена од нејзините социјалдемократи, Социјалистичката народна партија, десничарската либерална партија Венстре и центристичките Умерени, пренесува германската агенција.

„Неговото Височество Кралот потоа ја покани вршителката на должноста премиерка Мете Фредериксен да ја формира владата“, се наведува во соопштението од данската кралска куќа.

Четирите партии заедно имаат 82 места во данскиот Парламент, помалку од потребните 90 места за мнозинство.

Иако малцинските влади се вообичаени во Данска, владината коалиција ќе мора да избегнува соочување со мнозинска опозиција во парламентот. За да се обезбеди ова, на новата влада ѝ е потребна поддршка, на пример, од единаесетте места што ги држи левичарската Црвено-зелена алијанса. Оваа партија синоќа на Фејсбук објкави дека утре ќе има „големи вести за Данска“.

Ова е трет мандат на Фредериксен, по нејзините победи во 2019 и 2022 година. Таа претходно го изгуби мандатот за формирање нова влада откако не успеа да постигне коалициски договор и покрај повеќенеделните преговори.

Потоа шанса да формира влада доби лидерот на десничарската либерална партија Венстре, Троелс Лунд Полсен, но и неговите напори не успеаја. Фредериксен пред една недела повторно доби шанса да формира власт и таа сега ја искористи, потсетува ДПА.

Поранешниот дански премиер и сегашен министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен и неговите умерени центристи повторно одиграа клучна улога во владините преговори. Расмусен разговараше со двете страни и двапати ги прекина преговорите.

Фредериксен планира денеска да ги претстави приоритетите на новата влада, по што е предвидено новите министри утре да му бидат претставени на кралот, пренесува ДПА.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1