Свет
Петмина загинати, двајца тешко повредени во експлозија во фабрика во Јужна Кореја
Најмалку пет лица загинаа, а две се тешко повредени во експлозија во воен производствен погон во Деџеон, јавуваат јужнокорејските медиуми.
Експлозијата се случила во утринските часови во фабрика управувана од компанијата „Hanwha Aerospace“, што се наоѓа околу 150 километри јужно од Сеул. На снимките од местото на настанот се гледа густ црн чад како се издига од фабричките погони.
Јужнокорејскиот премиер, Ким Мин-сок, им наложил на надлежните служби да ги мобилизираат сите расположливи сили и опрема за справување со ситуацијата. Властите стравуваат дека бројот жртви не е конечен.
Фабриката во Деџеон е еден од клучните објекти на јужнокорејската наменска индустрија и, според локалните медиуми, произведува компоненти за ракетни мотори и ракетно гориво.
Причините за експлозијата засега не се познати и се предмет на истрага. Станува збор за трет посериозен инцидент во истиот погон во последните години, по експлозии во 2018 и 2019 година со повеќе жртви.
јуни 1, 2026
