Свет
Колумбија претседател ќе добие на 21 јуни, во втор круг од изборите одат Абелардо де ла Есприела и Иван Сепеда
Претседателските избори во Колумбија ќе бидат решени во втор круг, откако десничарскиот адвокат Абелардо де ла Есприела и левичарскиот сенатор Иван Сепеда освоија најмногу гласови во првиот круг одржан вчера.
Според податоците на изборните власти, по пребројувањето на околу 99,5 проценти од гласачките ливчиња, Де ла Есприела добил 43,7 проценти од гласовите, додека Сепеда освоил околу 41 процент. Бидејќи ниту еден кандидат не обезбеди апсолутно мнозинство, вториот круг е закажан за 21 јуни.
Право на глас имаа околу 41 милион граѓани на Колумбија, кои избираа наследник на актуелниот претседател Густаво Петро. Според Уставот, Петро нема право на втор последователен мандат.
Изборите се сметаат за одлучувачки за идниот правец на земјата – дали ќе продолжи политиката на Петро за зголемени социјални трошоци и преговори со вооружените групи, или ќе биде избран поконзервативен пристап насочен кон безбедноста и економските реформи.
Конзервативната сенаторка Палома Валенсија, која пред изборите важеше за една од фаворитките, заврши на третото место со околу седум проценти од гласовите.
По објавувањето на прелиминарните резултати, Петро и Сепеда изразија сомнежи во процесот на пребројување. Во објава на платформата „Икс“ Петро тврдеше дека постоеле нерегуларности поврзани со изборниот софтвер и избирачкиот список, без да приложи докази.
Сепеда, пак, изјави дека неговиот изборен штаб ги проверува извештаите за одреден број избирачки места каде што првичните податоци покажувале невообичаени резултати. Тој додаде дека нема да ги коментира изборните резултати се додека официјалните изборни комисии не ја завршат својата работа.
Прелиминарните резултати објавени на изборната вечер традиционално се сметаат за многу веродостојни во Колумбија и вообичаено само минимално се разликуваат од конечните официјални резултати.
Сепеда, кој е дел од владејачката коалиција, најавува продолжување на реформската програма на Петро. Неговиот противкандидат, Де ла Есприела, водеше кампања заснована на построга безбедносна политика, намалување на јавната потрошувачка и бескомпромисен однос кон вооружените групи.
Изборната кампања беше засенета од влошената безбедносна состојба во земјата. Во неделите пред гласањето, во серија напади загинаа и беа повредени цивили, војници и полицајци.
Петро стана првиот левичарски претседател на Колумбија по изборната победа во 2022 година. Неговите поддржувачи тврдат дека администрацијата придонела за намалување на сиромаштијата и зголемување на социјалните издатоци, додека критичарите оценуваат дека политиката на „целосен мир“ не донела значителен напредок во ограничувањето на насилството од вооружените групи.
Парламентарните избори одржани во март веќе ја покажаа длабоката политичка поларизација во земјата. Иако левичарската коалиција на Петро стана најсилна сила во Сенатот, ниту една партија не обезбеди јасно мнозинство, што укажува дека идниот претседател ќе се соочи со тешки коалициски преговори.
јуни 1, 2026
