Свет
Романскиот претседател го свика Врховниот совет за национална одбрана по падот на рускиот дрон во Галати
Романскиот претседател Никушор Дан за денеска го свика Врховниот совет за национална одбрана за да ги разгледа импликациите од падот на руското беспилотно летало врз станбен блок, што претставува најсериозен инцидент на романска територија од почетокот на руската агресија врз Украина, наведуваат романските медиуми.
В.д премиерот Илие Боложан го осуди ноќешниот инцидент во градот Галати, каде што беспилотно летало се урна во станбен блок, и објави дека е во контакт со министерот за одбрана и дека се преземени сите мерки за заштита на населението, пренесува Аџерпрес.
„Во текот на ноќта, руски дрон се урна врз станбен блок во општина Галати, предизвикувајќи пожар и лесно повредувајќи две лица. Бев во контакт со министерот за одбрана и веднаш беа преземени сите мерки за заштита на населението, додека, на дипломатски фронт, беа информирани сојузниците и партнерите на Романија“, рече Боложан.
Тој додаде дека оваа ситуација е „неприфатлива“ и дека претставува „уште едно нарушување на воздушниот простор предизвикано од неодговорното и неоправдано продолжување на агресијата на Русија во Украина“.
„Оваа војна продолжува да влијае на безбедноста на Романија и земјите на источното крило. Недвосмислено ги осудувам овие сериозни дејствија и цврсто ја повикувам Русија веднаш да ги запре“, напиша романскиот премиер на Фејсбук.
Боложан додаде дека романскиот одбранбен одговор бил ограничен од нивото на достапна опрема.
„Ова е уште еден доказ за важноста на програмата на ЕУ за безбедносна акција за Европа (SAFE) преку која ќе обезбедиме сеопфатна опрема против дронови за романската армија. Договорот ќе биде потпишан во наредните часови. Испораката на капацитетот против дронови ќе започне во рок од неколку месеци“, рече романскиот премиер.
мај 30, 2026
