Connect with us

Свет

Маѓар најави формирање на парламентарни одбори, кои ќе ги истражуваат евентуалните злоупотреби на власта на Орбан

Премиерот на Унгарија, Петер Маѓар денеска најави формирање на шест парламентарни истражни одбори, кои ќе ги испитуваат наводите за корупција и злоупотреба на власта во изминатите 16 години, за време на мандатите на поранешниот премиер Виктор Орбан.

Ќе се истражуваат и сомнежите за проневера јавни средства со кои управува Народната банка на Унгарија, која веќе е под истрага.

– Целосно ќе ја разоткриеме целата корупција и злоупотреба на власта. Унгарскиот народ има право да знае кој имал корист од нивните пари, кој ги украл нивните пари, кој се збогатил на чувствителноста на народот, истакна Маѓар пред пратениците.

Претходно, пратениците од владејачката партија ТИСА поднесоа уставен амандман со кој мандатот на премиерот ќе се ограничи на осум години. Доколку биде усвоен амандманот, Орбан, кој беше на власт четири последователни мандати, нема да може повторно да биде премиер.

Маѓар денеска најави дека владата ќе разгледа и воведување на осумгодишно ограничување и за други избрани функционери.

– Никој не треба да замислува дека избраната влада е наследена засекогаш. Власта што се врши без ограничувања со текот на времето води до губење на контролата во секој демократски систем, посочи Маѓар.

Еден од истражните одбори ќе ги испитува деталите за помилувањето на поранешната унгарска претседателка Каталин Новак, кое таа го додели на соучесник во сексуална злоупотреба на дете, што доведе до нејзина оставка во 2024 година.

Маѓар вети и дека со уставен амандман ќе ја распушти „Суверената канцеларија за заштита“, формирана од владата на Орбан во 2023 година за да истражува невладини организации, медиумски куќи и политички партии, со цел да спречи а странско влијание.

Тој, исто така, најави дека неговата влада ќе ги елиминира „политичките привилегии“ што ги уживаа претходните носители на службени позиции, а исто така најави и намалување на платите на премиерот и министрите, директорите на државните претпријатија и замениците.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1