Connect with us

Свет

Претседателот на Финска нема да одбие улога на преговарач на ЕУ со Русија

Финскиот претседател Александар Стуб изјави дека нема да ја одбие улогата на преговарач на Европската Унија со Русија доколку му биде понудена, пренесоа денеска руските медиуми.

– Ако веќе прашаат, тоа е веројатно прашање на кое не може да се одговори негативно – им одговори Стуб на новинарите, кога го прашаа дали би бил подготвен да ја преземе улогата на претставник на ЕУ во преговорите со Русија.

Претходно денеска, повикувајќи се на дипломатски извори, локалните медиуми јавија дека во рамките на ЕУ се разгледува кандидатурата на Стуб за улогата на потенцијален европски преговарач со Русија.

– Можам да замислам дека Европа оваа година ќе почне дијалог со Русија во некоја форма. Невозможно е во овој момент да се каже кога ќе се случи тоа – истакна финскиот претседател.

Истовремено, Стуб се изјасни против отворањето на границата со Русија. Како што пренесоа медиумите, повикувајќи се на интервју што го дал финскиот лидер, тој наведе дека границата ќе се отвори кога ќе постои уверување дека Русија нема да ги користи мигрантите или бегалците како средство против Финска, но не понуди докази дека Русија наводно праќа мигранти или бегалци во Финска.

Претходно, рускиот претседател Владимир Путин, одговарајќи на новинарски прашања за можниот соговорник во преговорите меѓу Русија и Европа, изрази мислење дека лично повеќе би го сакал поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, но напомена дека на Европјаните е да изберат лидер на кого му веруваат и кој нема кажано ништо лошо за Русија. Путин истовремено нагласи дека Европа, а не Русија, ги одбила разговорите.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта претходно изјави дека со лидерите на ЕУ разговара за подготовки за преговори со Русија, кога за тоа ќе дојде време.

Границата меѓу Финска и Русија е затворена со одлука на финските власти до понатамошно известување. Хелсинки почна да воведува гранични ограничувања во ноември 2023 година, во ек на неконтролиран прилив на бегалци од трети земји. Финските власти ја обвинија Русија дека намерно праќа баратели на азил на границата.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ги отфрли обвинувањата за вмешаност на Русија во миграциската криза во Европската Унија, нарекувајќи ги манифестација на западните двојни стандарди.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1