Свет
Илјадници луѓе протестираа во Мадрид поради високите цени на домувањето
Повеќе илјадници луѓе денеска протестираа во центарот на Мадрид поради растот на цените на закупнините и сè потешката достапност на становите, а организаторите најавија бран протести во 24 шпански градови во текот на јуни поради станбената криза која погодува сè поголем број граѓани.
Протестот под слоганот „Домувањето нè чини живот“ го организираше Синдикатот на потстанари на Мадрид, со поддршка на синдикатите и бројни општествени организации, пренесува РТВЕ.
Портпаролката на синдикатот, Алисија дел Рио, изјави дека сегашниот систем на домување „ги уништува животите на луѓето кои сакаат домови за живеење, а не за профит“.
– Издавањето на голем број недвижности ги крева цените на домувањето. Тоа ги блокира нашите животни патишта, ги уништува нашите градови и ја осудува земјата на несигурност и неизвесност-рече Дел Рио.
Таа повика на „граѓанска непослушност“ како единствено легитимно средство за борба против, како што наведе, „диктатура на рентиерство“, порачувајќи дека потстанарите нема да се согласат на „уцените на сопствениците на станови“, нивните цени и договори.
Дел Рио ги критикуваше властите поради тоа што, како што рече, дозволуваат малцинството да остварува профит на основна животна потреба и ги користат јавните ресурси за заштита на интересите на сопствениците на недвижности. Таа ги повика и синдикатите заеднички да организираат генерален штрајк кој би ги „запрел градовите и би му ставил крај на бизнисот со домувањето“.
На протестот учествуваа генералните секретари на синдикатите Работнички комисии и УГТ, Унаи Сордо и Пепе Алварез, како и лидерката на партијата Подемос, Ионе Бељара, европратеничката Ирене Монтеро и претставници на Социјалистичката партија на Мадрид.
На демонстрациите им се приклучија и организации на пензионери, здруженија на станари, синдикатот ЦГТ, како и феминистички, еколошки и антирасистички организации.
Протестот во Мадрид претставува вовед во низата демонстрации за правото на домување кои до 28 јуни ќе се одржат во 24 шпански градови, вклучувајќи ги Барселона, Малага, Валенсија и Лас Палмас.
мај 25, 2026
