Свет
Германија ја осуди употребата на ракетата „Орешник“ од страна на Русија во напад врз Украина
Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска ја осуди руската употреба на новата балистичка ракета „Орешник“ во напад врз Украина.
„Германската влада најостро ја осудува оваа непромислена ескалација“, напиша Мерц на Х, експлицитно упатувајќи на ракетата „Орешник“. „Германија продолжува да стои цврсто на страната на Украина“, додаде тој.
Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, го нарече распоредувањето на „Орешник“ „шокантно“, опишувајќи ја употребата на новиот систем како понатамошна ескалација. Тој изјави дека нејзиното користење е потврда дека предлозите донесени на неодамнешниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО треба ригорозно да се спроведат.
– Само силна Украина ќе може да го натера (рускиот претседател Владимир) Путин да попушти – рече Вадефул.
Германското Министерство за надворешни работи претходно соопшти дека министрите на состанокот во Хелсингборг, Шведска, разговарале за дополнителна финансиска помош за Украина.
Претходно украинските власти соопштија дека ракетата „Орешник“ го погодила големиот град Била Церква во Киевската област.
Нејзината исклучително голема брзина од до 12.000 километри на час, со дострел до 5.000 километри, ја прави потенцијална закана за целиот европски континент, пренесе ДПА.
мај 25, 2026


